• четврток, 26 декември 2024

Драги: За подобра конкурентност на ЕУ потребна е поблиска соработка и интеграција меѓу земјите членки 

Драги: За подобра конкурентност на ЕУ потребна е поблиска соработка и интеграција меѓу земјите членки 

Брисел, 18 септември 2024 (МИА) - Одржувањето на европскиот начин на живот мора да се базира на подобрување на конкурентноста, за што е потребна поблиска соработка и интеграција меѓу европските земји, порача поранешниот италијански премиер и екс-претседател на Европската централна банка, Марио Драги при претставувањето пред европратениците на неговиот Извештај за иднината на европската конкурентност. 

- ЕУ треба да се фокусира на три клучни прашања: намалување на иновацискиот јаз со САД и Кина, развивање заеднички план за поврзување на целите за декарбонизација со зголемување на конкурентноста и зајакнување на безбедноста на Европа и намалување на нејзината зависност од странски економски сили, изјави Драги. 

Тој потенцира дека за спроведување на плановите за зајакнување на конкурентноста и реализација на конкретни проекти за остварување на поставените цели, годишно ќе бидат потребни меѓу 750 и 800 милијарди евра. 

- Дел од овие средства би можеле да дојдат од приватни извори, но дел, исто така, ќе треба да се обезбедат преку јавни инвестиции, вклучително и со нови заеднички задолжувања наменети специјално за финансирање на клучните заеднички проекти, рече Драги. 

Во дебатата по обраќањето на Драги, поголем број европратеници се согласија со оценките во неговиот извештај дека економијата на ЕУ мора итно да го промени својот курс. Според нив, ЕУ треба да се фокусира на зајакнување на конкуренцијата и зголемување на иновациите во клучните индустриски сектори, заедно со повеќе јавни и приватни инвестиции во социјалните, зелените и дигиталните трансформации.  

Во дискусиите беше посочено и дека треба да им се помогне на граѓаните да ги приспособат своите вештини на потребите на индустријата, за што се потребни иновативни технологии и социјални инвестиции кои ќе бидат компатибилни со поставените цели за економски раст.  

Од друга страна, некои европратеници се заложија на „поголем суверенитет“ на земјите членки и за „послободни пазари“, нагласувајќи дека мерките за справување со климатските промени „ја саботираат економијата на ЕУ“. сп/ 

Фото: Европски парламент 

Остани поврзан