• среда, 27 ноември 2024

До средината на јануари се очекува да се донесат новите закони за администрацијата и за дигиталната безбедност

До средината на јануари се очекува да се донесат новите закони за администрацијата и за дигиталната безбедност

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - Министерот за информатичко општество и аминистрација Азир Алиу очекува до средината на јануари да бидат донесени петте закони за реформи во јавната администрација и дигитална трансформација на државата, што беа усвоени на вчерашната седница на Владата. 

Станува збор за Законот за административни службеници, Закон за вработени во јавниот сектор, Законот за стручно усовршување и обука на административни службеници, Законот за безбедност на мрежи и информациски системи и дигитална трансформација и измени и дополнувања на Законот за електронско управување и електронски услуги кои ќе се носат по скратена постапка и со европско знаменце. 

Министерот Алиу појасни дека со овие законски решенија се врши усогласување на домашното со европското законодавство согласно препораките на Европската комисија и заедничката иницијатива на ОЕЦД и ЕУ, СИГМА. 

Тој исто така вели дека при избработката на законите е консултирана и опозицијата. Трите закони кои се однесуваат на администрацијата, ќе се применуваат од 2025 година, освен во делот на платите. Останатите два согласно роковите по нивното носење од страна на Парламентот. 

Како што беше посочено, Законот за административни службеници ќе придонесе во реформи на јавната администрација и создавање професионална, мотивирана и деполитизирана администрација. Законот јасно ги дефинира надлежностите на административните службеници и ги зајакнува условите, процедурите и функционалностите на сите органи во институциите. Се создаваат услови за соодветни постапки за вработување на административни службеници, со формирање на соодветни и професионални комисии. Исто така, со законското решение се прецизира постапката за кариерен развој, нов систем на пресметка на плата, дополнително мотивирање на вработените и унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата и за прв пат, се воведува додаток за задржување на административни службеници. Законот ја уредува и работата на комисијата за контрола на постапките за вработување преку утврден план за работа и изработка на извештаи со наоди и препораки.

Второто законско решение се однесува на вработените во јавниот сектор и се уредува Организационата единица за управување со човечки ресурси и мрежата на организациони единици за управување со човечки ресурси во институциите од јавниот сектор, кои досега беа регулирани во законот за административни службеници. Законот го воведува начелото за забрана на дискриминација и начелото за употреба на јазиците и писмата, воведува и Етички кодекс за вработените во јавниот сектор, овозможува еднаков пристап на работни места во јавниот сектор, стручност и компетентност, соодветна и правична застапеност, родова еднаквост и инклузивност, ги доуредува називите и подгрупите во делот на класификација на работните места и се прецизира можноста за систематизација и тоа два пати годишно до најмногу 50% повеќе извршители од бројот на извршители за кои се обезбедени финансиски средства за плати и надоместоци во буџетот на институцијата. Законот забранува вработување преку Агенции за привремени вработувања и вработување на определено време на раководни работни места. Во постапката за вработување секогаш мора да се избере најдобро рангираниот кандидат.

Законот за стручно усовршување и обука на административни службеници ќе обезбеди примена на принципите на Европскиот Административен Простор кај домашната администрација согласно Уставот и законите на РСМ.

Овој закон, за прв пат во историјата на нашата администрација, системски ги уредува и институционално ги опфаќа стручните обуки за усовршување на административните службеници. Исто така, за прв пат ќе се формира Центар за стручно усовршување и обуки на административните службеници со јасно дефинирани тематски области поврзани со реформите на јавната администрација и дигитализацијата и ќе обезбеди обуки за сите службеници во зависност од потребите на институциите и новите технологии во јавната администрација. Центарот ќе работи со Програмски совет и со Испитна комисија како стручни тела.

Секој службеник кој првпат заснова работен однос во јавната администрација ќе биде задолжен да помине 120 часа обуки од 10 тематски области во рок од една година. Потоа, службеникот се задолжува да положи писмен и устен испит пред Комисијата со што ќе обезбеди професионализација на административните службеници.

Законот за безбедност на мрежи и информациски системи и дигитална трансформација обезбедува високо ниво на кибер безбедност, градење и развој на информациско-комуникациска инфраструктура, поефикасна и поефективна дигитална трансформација на јавниот сектор; висок степен на отвореност за да се обезбеди развој на иновативни софтверски решенија и да се обезбедат обуки за кибер безбедност и дигитални вештини за вработените во јавниот сектор и граѓаните на Република Северна Македонија. Ова законско решение предвидува да се основа Агенција за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација на јавниот сектор на Република Северна Македонија, се определуваат мерки за управување со кибер безбедносни ризици и кризи, се дефинираат обврски за известување и за размена на информации поврзани со кибер безбедноста, дигитална трансформација на јавниот сектор и уредува други прашања поврзани со мрежни и информациски системи и дигитална трансформација на јавниот сектор. Генерално, ова законско решение се однесува на кибер безбедноста и дигиталната трансформација на јавниот сектор. Решенијата за кибер безбедност се усогласени со Директивата NIS2 2022/2555 на Европскиот парламент и на Советот на Европа од 14 декември 2022 година.

Со ова решение, Агенцијата ќе биде регулаторно тело за безбедност на мрежните и информациските системи во својство на правно лице со јавни овластувања утврдени со овој закон. Исто така, Агенцијата ќе врши и развојни и стручни работи во областа на безбедноста на мрежните и информациските системи и областа на дигиталната трансформација на јавниот сектор во Република Северна Македонија. Таа ќе биде самостојна во вршење на своите надлежности утврдени со ова законско решение, за што ќе одговара пред Владата на Република Северна Македонија.

Членовите и извршниот директор на Агенцијта, по пат на јавен оглас, ќе ги избира Владата. Дигиталната трансформација на јавниот сектор се однесува на органите на државната управа, освен на органите на државната управа од областа на безбедноста и одбраната на Република Северна  Македонија. Дигиталната трансформација се однесува и на други институции од јавниот сектор по нивно барање во согласност со овој закон и Планот за дигитална трансформација на јавниот сектор.

Владата вчера ги усвои и предлог измените и дополнувањата на Законот за електронско управување и електронски услуги со што се овозможува да се искористат инфраструктурата и кадровските капацитети на А.Д. Македонска Пошта на Северна Македонија – Скопје на целата територијата во државата. Со тоа ќе се овозможи посебно обележан шалтер каде граѓаните ќе бидат услужени и ќе добиваат услуги кои што ги нуди моделот Една Точка за Услуги (ЕТУ). На овој начин, ќе се обезбедат поголем број електронски услуги. ев/дма/

 

Остани поврзан