Дориев: Првиот гол нè дестабилизираше
- Македонската А-репрезентација продолжува со подготовките за следниот предизвик, гостувањето кај Република Ирска
Скопје, 28.март 2026 (МИА) – Македонската А-репрезентација продолжува со подготовките за следниот предизвик, гостувањето кај Република Ирска. По натпреварот со Данска, репрезентативците се фокусирани на корекција на грешките и подигнување на формата пред новиот дуел.
Љупче Дориев смета дека тимот одиграл квалитетно прво полувреме против Данска, но дека еден неочекуван момент го променил текот на натпреварот.
- Мислам дека одигравме многу добро прво полувреме против Данска, но потоа се случи еден брз и неочекуван гол. Тоа беше на самиот почеток на второто полувреме и малку нè дестабилизираше. Се виде дека влеговме во шок и кратка деконцентрација, што противникот го искористи. Станува збор за квалитетна репрезентација, но од наша страна продолжуваме понатаму. Нè очекува натпревар со Ирска и треба да гледаме напред, со кренати глави и со атмосфера на највисоко ниво. Верувам дека нè очекуваат добри натпревари. Ова е само почеток. Натпреварот со Данска беше прв со нов селектор, со нова визија и пристап. Имаме квалитет, само треба да го склопиме во целина“, изјави Дориев.
Репрезентацијата продолжува со мини-подготовките, а дуелот со Република Ирска се игра на 31.март во Даблин. мн/
Фото: ФФМ