• недела, 29 март 2026

Ројевиќ и Ојлески од ГРК Охрид за МИА: Олимпијакос е силен противник, но подготвени сме и ќе го дадеме својот максимум

Ројевиќ и Ојлески од ГРК Охрид за МИА: Олимпијакос е силен противник, но подготвени сме и ќе го дадеме својот максимум

Атина, 28 март 2026 (МИА) – Охрид досега немаше поминато ниту едно коло во Европа, а сега стигнавме до четвртфинале, голем успех за нас, но јас се надевам дека нема да застанеме тука и дека ќе се обидеме да направиме уште еден историски успех за нашиот клуб, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ во пресрет на утрешниот натпревар од четвртфиналната фаза на ЕХФ Европскиот Куп против Олимпијакос, додека пак капитенот Гоце Ојлески посочи дека, иако станува збор за тежок натпревар, ќе го дадат својот максимум за добар резултат.

Ракометарите на Охрид се веќе во Атина и попладнево го одржаа првиот тренинг, а тренерот и капитенот, на нешто помалку од 24 часа пред четвртфиналниот натпревар, за МИА говорат и за очекувањата, но ја пренесуваат и атмосферата во тимот.

- Добри сме. Имаме некои минимални проблеми во тимот. Сите се спремни, добро тренираа оваа недела, подготвени се и сигурно одвај чекаат да почне натпреварот, вели тренерот Ројевиќ во однос на физичката, но и психичката подготвеност на неговите играчи.

Со сличен став е и капитенот Ојлески, кој исто така посочува дека добро тренирале во изминатиот период.

- Атмосферата е супер, мислам дека сите се подготвени. Добро истрениравме во претходниот период. Добро анализиравме како работи и како игра Олимпијакос, така да сите се подготвени и мислам дека ќе го дадат максимум на утрешниот натпревари, нагласува капитенот.

И двајцата велат дека Олимпијакос има одличен тим и ќе биде тежок противник, но и Охрид е добро подготвен и на терен ќе даде сè од себе.

- Како тренер и како клуб сигурно секогаш имаме најголеми очекувања, иако знаеме дека се работи за одличен противник кој сигурно е во својот максимум можеби во последната деценија, навистина оваа сезона имаат одличен тим, кој ќе се обиде да го освои Купот. Tака што не очекува особено тежок натпревар, но момците одлично работеа оваа недела и ќе се обидеме на натпреварот да го дадеме својот максимум и да се обидеме да направиме добар резултат за реваншот во Охрид каде што очекувам 3.000 луѓе и пеколна атмосфера, вели Ројевиќ за МИА.

- Очекуваме тежок натпревар, Олимпијакос е одлична екипа. Мислам дека ќе биде тешко, но ќе го дадеме свој максимум за што подобар резултат. Го имаме и реваншот во Охрид, така што нема да биде утре сè решено. Ќе видиме. Мислам дека имаме и ние свои шанси, се подготвуваме максимално и ќе дадеме максимум за што подобар резултат, истакна капитенот на охридскиот ракометен тим.

Во однос на тоа дали реваншот на домашен терен е предност, тренерот вели дека е „многу полесно вториот натпревар да го играш дома“, но дека сепак „тоа носи и притисок“ и посочи дека Олимпијакос го има ланското искуство по пораз на домашен терен, да направи пресврт во гости.

- Секако дека е подобро, но носи и голем притисок играњето реванш дома, очекувањата да се помне итн. Играме против извонредна екипа која има поголемо искуство од Охрид со играње во Европа. Охрид досега немаше поминато ниту едно коло во Европа, а сега стигнавме до четвртфинале, голем успех за нас, но јас се надевам дека нема да застанеме тука и дека ќе се обидеме да направиме уште еден историски успех за нашиот клуб, порача Ројевиќ.

Капитенот Ојлески коментира дека противникот е голема екипа која сигурно и на гостински натпревар ќе даде свој максимум.

- Некогаш и десет разлика да победиш на првиот натпревар нема да биде доволно, така да разликата никогаш не е сигурна, мора да играш и на двата натпревари и ако победи утре, нормално Олимпијакос е голема екипа која сигурно и на гостински натпревар ќе даде свој максимум да анулира тоа што го загубила, така исто и не, така што мислам дека нема некоја голема предност, рече Ојлески.

Како што вчера објави МИА, капитенот на Олимпијакос Петрос Кандилас, рече дека имаат „два многу тешки натпревари со Охрид“ и посочи дека „станува збор за тим со многу голем буџет и квалитетен состав“.

- Сметам дека голема улога ќе одигра одбраната на двете екипи, во комбинација со учинокот на голманите. Во овој напор сакаме нашите навивачи да бидат со нас за да дојдеме до победа што ќе ни го даде потребниот импулс за вториот натпревар на гостински терен, нагласи Кандилас за официјалниот сајт на РК Олимпијакос.

Првиот натпревар од четвртфиналната фаза на ЕХФ Европскиот Куп ќе се одигра утре во 17 часот по локално време во спортската сала „Јанис Котакис“ во атинската населба Илиуполи, што машкиот ракометен тим на Олимпијакос, од сезоната 2022/23, ја користи за натпреварите на домашен терен, а е со капацитет да прими 1.500 гледачи.

Билетите за натпреварот се по цена од 5,10 и 15 евра во зависност од трибината.

На натпреварот во Атина нема да има македонски навивачи, исто како што на натпреварот во Охрид нема да има навивачи на грчкиот клуб, со оглед на тоа што двете екипи се договорија да не вршат продажба на билети на гостински навивачи.

Од ГРК Охрид минатата седмица соопштија дека по немилите настани за време на финалниот натпревар во ЕХФ Купот во ланската сезона меѓу Алкалоид АЕК, а натпреварот во Скопје не се одигра, информираа дека „по барање на Европската ракометна федерација, ГРК ОХРИД и РК Олимпијакос по меѓусебната комуникација во минатите денови, а со цел да биде избегната ситуација слична или иста на онаа од минатата година, заеднички одлучија дека двете екипи нема да вршат продажба на билети на гостински навивачи и симпатизери на натпреварите на кои ќе се јават како организатори од четврт-финалната фаза на ЕХФ Европскиот Куп“.

Реванш натпреварот во Охрид ќе се одигра следната сабота, на 4 април во 18 часот во СРЦ „Билјанини Извори“. ср/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан