• вторник, 10 септември 2024

Донација за учениците од село Драгоманце, Старо Нагоричане

Донација за учениците од село Драгоманце, Старо Нагоричане

Куманово, 7 септември 2023 (МИА) - Училишен прибор, ранци, играчки, постелнини, дел од мебел, машина, донираа невладина организација „Да шириме љубов“, меѓународното училиште „Нова“ за учениците од селата од козјачија кои се корисници на услугите на ученичкиот дом во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане.

Десет ученици ги поминуваат работните денови во интернатот кој се наоѓа во близина на основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“.

Директорката на училиштето, Бојана Арсовска Јовановиќ, се заблагодари на донацијата која е значајна за нивните ученици и за обезбедување добри услови за престој на нивните ученици.

Наташа Булеска од здружението на родители и наставници од приватното меѓународно училиште, вели дека иницијативата пристигнала од нивен ученик кој ги споил со невладината организација.

-Нашето училиште секоја година собира средства и како општествено одговорна компанија се обидуваме да ги научиме децата дека треба да се помогне и на други деца, изјави Булеска. 

Од организацијата најавија и други донации, согласно можностите.

-Обезбедивме и ранци и училишен прибор за дечиња кои се социјално ранливи и ќе продолжиме со донациите во нашите можности изјави, Маре Бојковска од невладината организација „Да шириме љубов“.

Сопственик на приватна компанија од Куманово, Иван Крстевски со сопругата одлучиле да организираат еднодневна екскурзија до Охрид за учениците од руралното училиште.

Во училиштето настава следат 67 ученици, десет ги користат услугите на ученичкиот дом. Учениците доаѓаат од различни села од козјачијата. ам/сх/

Фото:МИА

Остани поврзан