Дом на култура Кавадарци одбележува 70 години постоење, наредните три дена Меѓународен фолклорен фестивал
- Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ од Кавадарци одбележува 70 години постоење и фолклорна дејност. Во рамки на одбележувањето на јубилејна седумдецениска активност наредните три дена ќе се реализира Меѓународен фолклорен фестивал „Кавадаречки фолклорни средби“.
Кавадарци, 5 јули 2023 (МИА) - Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ од Кавадарци одбележува 70 години постоење и фолклорна дејност. Во рамки на одбележувањето на јубилејна седумдецениска активност наредните три дена ќе се реализира Меѓународен фолклорен фестивал „Кавадаречки фолклорни средби“.
Како што информираше денеска Марјан Тодоровски од Културниот дом, фестивалот ќе се одржи на Градскиот плоштад во Кавадарци на 6, 7 и 8 јули. Концертите започнуваат од 20 часот, на сите фестивалски денови ќе им претходи дефиле со учесниците по централните градски улици, кое започнува од 19.30 часот.
- Носител на фолклорната дејност во Кавадарци веќе 70 години е Фолклорниот ансамбл „Тиквеш“. Гостуваат КУД „Јане Сандански“ - Неготино, ЖФГ „Радовишанки Етно“ - Радовиш, Фолклорен ансамбл „Мегдан“ - Богданци, КУД „Живинице“ - Живинице, Босна и Херцеговина, КУД „Шумадија“ - Горни Милановац, Србија, Фолклорен ансамбл „Бејармуду“ - Северен Кипар, Фолклорен ансамбл „Лубовњан“ - Стара Лубовња, Словачка, соопшти Тодоровски.
Фестивалот е во рамки на „Кавадаречко културно лето 2023“, поддржан е од Локална самоуправа Кавадарци и Министерство за култура на Република Северна Македонија. свд/мд/
Фото : Дом на култура Кавадарци