Изгаснат пожарот во Липковско
- Пожарот вчера бил локализиран, утрово е изгаснат
Куманово, 21 април 2026 (МИА) - Пожарот во липковскиот регион, во атарот меѓу селата Гошинце и Брест, во близина на акумулацијата Глажња, е целосно изгаснат, потврди заменик-директорот на „Македонски шуми“, Кире Михаилов, посочувајќи дека веќе нема опасност од негово повторно разгорување.
Пожарот, како што соопшти Михаилов, најпрво бил ставен под контрола, а потоа и целосно изгаснат. Тој информира дека екипите интервенирале до доцна во ноќта, при што било спречено неговото понатамошно ширење.
-Пожарот беше ставен под контрола уште вчера во ноќните часови, односно беше оневозможено неговото ширење. Утринава екипите на терен потврдија дека пожарот е целосно изгаснат и нема опасност од повторно разгорување, особено поради врнежите во тој регион - изјави Михаилов.

Тој додаде дека надлежните институции ќе постапуваат согласно законските обврски за утврдување на причините за пожарот и евентуална одговорност.
- По секој ваков настан институциите работат на утврдување вина. Доколку се утврди сторител, ќе бидат поднесени соодветни пријави, со цел санкцијата да има и превентивен ефект - рече Михаилов.
Воедно, тој упати благодарност до граѓаните од околните населени места кои помогнале во гаснењето и навремено ја пријавиле појавата на пожарот.
- Сè повеќе граѓани реагираат навреме и алармираат кога ќе забележат вакви појави, што е од големо значење за заштита на природата и безбедноста на сите - додаде Михаилов. ам/са/
Фото ФБ Михаилов