• вторник, 24 декември 2024

Домашните агро-производители ќе ги пласираат своите производи на македонските интернет продавници

Домашните агро-производители ќе ги пласираат своите производи на македонските интернет продавници
Скопје, 28 февруари 2022 (МИА) - Петнаесет македонски агро-производители бесплатно ги усовршија своите дигитални вештини и веќе се во процес на пласирање на нивните производи на македонските платформи за интернет купување во рамки на проектот „Agri E-commerce“, што го спроведува Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Целта на проектот е да одговори на потребите што доаѓаат од веб-платформите за е-трговија за продажба на локално одгледувани агро-производи (свежи или преработени) од една страна, а од друга, да им помогне на локалните агро-производители да ги продаваат своите производи надвор од својата област на живеење - преку Интернет. - КОВИД пандемијата ја забрза дигитализацијата на македонскиот пазар. Сите засегнати во производството и трговијата мора да ги следат новите правила што ги налагаат ситуацијата и пазарот. Нашиот фокус е да бидеме присутни на онлајн платформите на македонскиот пазар, а во некои идни планови и на европскиот пазар, изјави Блаже Миневски од винаријата „Бади“. Во рамки на проектот, агро-производителите поминаа низ четири различни обуки за зајакнување на дигиталните вештини меѓу кои: учење на основите, можностите и регулативите во е-трговијата, практични примери и совети поврзани со маркетинг на социјалните медиуми, запознавање со алатките за дигитален маркетинг за е-трговија и запознавање со условите за онлајн продажба кај различни е-трговци. Софија Шутова од агро-бизнисот „Сид оф лајф“ што е дел од учесниците на овој проект, вели дека обуките донеле големи придобивки во нивното работење. - Обуките беа пред сè многу практични и интерактивни. Предавачите имаа големо искуство во областа на онлајн продажбата и маркетингот, па можевме директно да поставуваме прашања и да учиме од нив. Конкретно мене најмногу ми користеа споделените алатки за креирање на привлечни содржини на социјалните медиуми и советите за креирање маркетинг стратегија, рече Шутова. Во моментов проектот се наоѓа во последната фаза, каде што агро-производителите одржуваат состаноци со е-трговците од најпознатите македонски веб платформи за е-трговија и договараат детали за пласирање на нивните производи. - Веќе почнавме со примена на некои од насоките за уште поуспешно водење на нашиот бизнис, благодарение на кои ги бележиме и првите резултати во форма на подобрена комуникација на социјалните медиуми, додава Маја Чубриќ од охридскита агри-компанија „Трек Ми“. Производите од агро-производителите кои се дел од програмата „Agri E-commerce" и кои наскоро ќе бидат достапни на дел од најпознатите веб платформи за е-трговија, можат да се погледнат на следното видео:

Проектот „Agri E-commerce“ е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка. мч/сп/

Остани поврзан