• среда, 27 ноември 2024

Доделени признанија на средните училишта на градот Скопје за учество во крводарителски акции

Доделени признанија на средните училишта на градот Скопје за учество во крводарителски акции

Скопје, 31 март 2021 (МИА) – Средните училишта од градот Скопје денеска добија признанија за учество во крводарителски акции во 2020 година. Доделувањето се одржа во дворот на СУГС „Васил Антевски Дрен“, а на настанот присуствуваа градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, директорот на ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина, Садула Усеини и генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.

-Денеска сме тука да промовираме добар пример и пракса што треба да се применува и прошири. Сите знаеме дека минатата година беше тешка година за сите нас и во полето на крводарителството, но и во полето на хуманоста, моралот и етиката. Уште еднаш покажавме како граѓани на град Скопје и на оваа држава дека знаеме и во најтешки моменти да го извлечеме најдоброт од нас. Во таа смисла сакам да ги пофалам учениците на средните училишта од градот Скопје кои беа херои минатата година, затоа што во месеците март и април  се најдовме во една тешка состојба, изјави Саити.

Директорот на Институтот за трансфузиона медицина Усеини додели признанијата во име на Институтот и Црвениот крст на градоначалникот Шилегов,  Даниела Адамова раководителка на секторот за образование при Град Скопје,  Тања Јовановска директорка на средното училиште „Васил Анртевски Дрен“ и директорката на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, Маја Салиу.

-Успеавме во 2020 година заедно со одговорните при Град Скопје и директорите од средните училишта да спроведеме крводарителски акции во време на пандемија, истакна Усеини.

Градоначалникот Шилегов  посочи дека и во услови на пандемија  успешно се реализираа крводарителски акции во кои повеќе од 200 средношколци донираа крв, со што верува дека се спасени исто толку животи.

-Особено сум горд на свеста и совеста на нашите најмлади сограѓани кои во вакви услови, кога се околу нас нема нормала, без личен бенефит докажаа дека Скопје е град на солидарноста, а скопјани се граѓани на солидарност и знаат да препознаат колку е неопходна нивната помош, изјави тој.

Шилегов рече дека како што се нормализира состојбата со коронавирусот, така и соработката меѓу Град Скопје и Црвениот крст ќе се продлабочи со уште повеќе крводарители. ки/дма/

Остани поврзан