• среда, 27 ноември 2024

ДКСК од Уставен суд ќе бара проверка на законитоста на балансерот и на Законот за преземање административни службеници

ДКСК од Уставен суд ќе бара проверка на законитоста на балансерот и на Законот за преземање административни службеници

Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) – Дали балансерот ја исполнува целта или се злоупотребува затоа што етничката припадност е основен податок при вработување и дали по 20 години примена е веќе надминат и треба да се укине. Антикорупциската комисија ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд да ги преиспита законите во кои е содржана алатката балансер. 

ДКСК на денешната седница гласаше и да иницира до Уставниот суд да ја оцени законитоста и колизијата со други закони на Законот за преземање административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а од Владата да побара извештај за спроведувањето на овој закон со кој институциите треба да прифатат т.н. рамковни вработени кои нераспределени добиваа плата, а седеа дома.

Не е познато дали е законот се уште во примена и дали се веќе распределени предвидените лица за преземање во државните институции затоа што Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците не и одговорило на ДКСК со податоци, а, како што беше посочено, и натаму продолжува да објавува нови огласи. 

Во однос на балансерот, ДКСК смета дека иако имало позитивен резултат во етнички вработувања, во изминатите години станало евидентно порастот на бројот на вработени без реални потреби и без просторни услови во институциите, а практиката покажала дека кандидатите за да се вработат ја наведуваат етничката припадност што се бара во конкурсот. 

Според ДКСК, ваквата примена на оваа алатка, каде што етничката припадност е основен податок за распределба на работно место, се коси со мерит-системот, ја нема вредноста за која била наменета и се злоупотребува доведувајќи до ризици од трговија со влијанија, коруптивно однесување и создавање политички клиенти на партиите. 

Од тие причини Антикорупциска смета дека треба да се провери дали балансерот треба да се укине или да се најде можност да се спречи злоупотребата. хс/аа/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан