• четврток, 26 декември 2024

Дискусија: Имаме мал медиумски пазар, потребна е реформа на легислативата за прилагодување на новите трендови

Дискусија: Имаме мал медиумски пазар, потребна е реформа на легислативата за прилагодување на новите трендови

Скопје, 25 ноември 2024 (МИА) - Северна Македонија е мал медиумски пазар кој што може да издржи максимум два концесионери. Постојат продукциски капацитети, но потребни се одредени системски решенија кои ќе ја решат агонијата во која се наоѓаат медиумите, како и одредена помош од државата за продукција на содржини на македонски јазик, беше истакнато на денешната дискусија на тема „Политиките за доделување на дозволи за емитување и иднината на дистрибуцијата на ТВ содржини“, што Центарот за развој на медиуми ја организираше со финансиска поддршка на Европскиот фонд за демократија.

Дарко Перушевски, извршен директор на Првата македонска стриминг платформа ГЛЕЈ, со искуство од над 20 години како активен чинител во медиумската сфера во земјава, смета дека има премногу медиумски играчи на пазарот и треба да се воведе рестрикција на дозволите. Според него, овој пазар трпи максимум два играчи, по можност во нив да влезе и странски капитал од веќе докажани медиумски играчи во регионот или во Европа и треба да се зајакне во голема мера МТВ. Владата, наведува тој, треба да е свесна дека мора да се произведува македонска содржина, македонскиот јазик оти самите програми кои ќе се произведуваат се најлесен начин за да се зачува македонскиот идентитет.

-Во оваа шума на понуда на програма која ја имаме почнувајќи од глобални, па од регионални медиумски играчи кои се присутни во Македонија, единствената одбрана на идентитетот е да се помага на системски и на финансиски конкретен начин креирањето на што повеќе македонска содржина, содржина на македонски јазик, нормално тука и на албански јазик за да може да се бори заедницата која се покажа потентна. Има потентност кај продукциската заедница во Македонија се уште, го видовме тоа во неколку примери, но нејзе и треба финансиска поддршка за да креира, за да работи, за да твори на македонски јазик, македонски проекти и со тоа во голема мера да се зачува македонскиот идентитет. Платформите како ГЛЕЈ се тука да помогнат за да се зголеми досегот на таа програма како и тука во смисла на начинот на гледање како видео по барање, но што е уште поважно и надвор од границите на Македонија на современ начин, вели Перушевски.

За проценките дека оваа година без изборите, без политичкото рекламирање дека медиумскиот пазар ќе тежи 18 милиони што е натамошен пад на комерцијалниот пазар, тој пазар вели тој, може да се донесе и на 25-30 милиони евра кој би се делел меѓу три субјекти, а не меѓу 5, 6, како што е сега плус и други играчи, што, како што вели, е доволно за еден посериозен развој.

-Поентата е дека Македонија има продукциски капацитети, и има се уште енергија и тоа како да се врати во времињата кога овде се правеше Милионер, кога се правеа играни серии во континуитет, кога се правеше и Македонскиот идол итн., има потенцијал се уште да се врати во тие времиња. Треба одредени системски решенија кои ќе ја разрешат таа агонија на медиумите како што беше спомнато и треба одредена помош од државата за да почне тој занает повторно да се врти. Значи, оптимистички гледам понатаму. Ова е еден обид системски да се канализираат одредени барања или препораки до властите каде би оделе во следните години, вели Перушевски според кого ќе требаат дефинирање на стратегија и одредени измени во законската регулатива, како во Законот за радиодифузија дејност и во однос на фондовите – Филмски фонд, Министерство за културата итн. инструменти преку кои може и финансиски де се поттикне развојот на македонска продукција.

Јани Бојаџи управителот на Алфа Телевизија, вели лично смета, но и билансите на петте национални телевизии и целиот телевизиски пазар покажуваат, вели,  дека „ние не сме во состојба пред агонија, ние сме на врвот на агонијата и прашање на месеци е кога ќе додјдеме до состојба која ќе се случи распад на системот и на медиумскиот простор во Македонија“. Според него, погрешна е самата поставеност на медиумскиот простор во земјата кој се темели, како што посочува, на апсурдната и неточна идеја дека постоењето на мноштво медиуми води кон медиумска слобода.

-Медиумите не се обични трговски друштва и воопшто да се смета дека големиот број на медиуми води кон медиумска слобода е надвор од умот. Напротив, строго ограничениот број на медиуми кои се контролирани со помош на алатките на државата водат кон слобода, демократија, развој, просперитет и идинина на една држава и општетство. Но, бидејќи тоа е веќе поминато, штетите ги гледаме допрва, ние практично живееме во она медумско блато кое е создавано во последните 20 години. Ако ги гледате минатогодишните биланси на петте национални телевизии, ќе видите дека развојот на индустријата се темели на Сител и на Алфа помалку. Оваа година ќе бидат многу полоши билансите на петте национални терестријални телевизии, вели Бојаџи. 

Тој меѓу другото, наведува дека сите истражувања за постојниот медиумски простор, покажуваат дека ние веќе живееме во медиумска катастрофа.

-Успехот на земјите кои се мали или средно мали, главно, тоа се скандинавските држави, во однос на нивното медиумско влијание во светот, посебно во производството на содржини, се темели на големата регулација, на ограничување и интервенции на Владата. Ние имаме ситуација во која алатката на Владата, на државата - тоа е јавниот сервис, не го користи како алатка за работа. Главно сите влади до една, јавниот сервис го користеа како алатка за политички влијанија, повторно заради необразование, неразбирајќи дека ако влијаат во играната, информативната или забавната програма, нивното влијание ќе биде поголемо без разлика дали се десни, леви, централни, ВМРО, СДС, ДУИ, затоа што со една серија ќе соберам повеќе гласачи отколку да го контролирате уредникот на МРТВ. „Бистра вода“ покажа дека е така, затоа што влијанието на играната продукција, на фикцијата, е поголемо од сета самозамислена реалност на информативната програма, посебно на департмантите вести. Велите дека имаме премногу информативна програма, ај да ја видиме структурата на информативната програма. Заради тоа што целата информативна програма ни се состои од површината на општествените проблеми и тотално инфилтрирање на дневната политика во информативните програми во редакциите на сите терестријални национални телевизии, за жал и во МРТ, дојдовме до тоа Македонците да не се информирани за тоа што се случува во околината, а да не зборувам за Европа и светот. Каде сте виделе анализа за тоа што се случува во Украина, во Газа, какви ќе бидат последиците од промените во Америка, што ќе се случи во пост Макрон времето во Европа, вклучително и во мојата телевијзија. Тоа е повторно резултат на тоа што во изминатите 30 години го избркавме на клоци умот од медиумскиот простор, вели Бојаџи, сепак, додава, е голем оптимист во однос на иднината, и се согласува со оценката дека медиумскиот пазар во земјава може да издржи два национални концесионери.

Дејан Георгиевски од ЦРМ - Центарот за развој на медиуми, организаторот на дебатата, кои континуирано го следат развојот на медиумските политики и медиумското законодавство во земјава, сметаат дека досега измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за негово усогласување со новата Директива за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ не се доволни и дека на законодавството му треба поцелосна реформа што ќе обезбеди и негово прилагодување на новите трендови во областа на телевизиското емитување и функционирањето на медиумите воопшто во новото дигитално опкружување.

Тоа ново дигитално опкружување и растечката доминација на интернет-платформите за дистрибуција, меѓу другото, и на аудиовизуелни медиумски содржини, според ЦРМ, ги прави старите платформи за дистрибуција се помалку значајни за процесот на дистрибуција на телевизиски/аудиовизуелни содржини до публиката.

-Идејата е да се поттикне расправа за потребата од промени во важечките политики за распределба на достапните капацитети за терестријално, но и за кабелско, сателитско и ИПТВ емитување во Република Северна Македонија, вели Георгиевски кој наведе дека нивната анализа нуди и некои поконкретни идеи и предлози за насоките во кои треба да одат законодавните решенија и политиките за доделување дозволи за емитување, за да одговорат на новите предизвици. вг/ац/

Фото: МИА

 

Остани поврзан