• сабота, 23 ноември 2024

Директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ одликувана со Орден „Витез на Редот на Ѕвезда на Италија“ 

Директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ одликувана со Орден „Витез на Редот на Ѕвезда на Италија“ 

Охрид, 21 јули 2024 (МИА) – Претседателот на Република Италија, Серџо Матарела, ја одликува директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ со Орден „Витез на Редот  Ѕвезда на Италија“.

Одликувањето на Поповиќ ѝ го врачи амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри, синоќа во катедралната црква „Света Софија“, при што истакна дека високото признание и се доделува за нејзиниот исклучителен придонес во промоцијата на италијанската култура  на сцената на фестивалот „Охридско лето“.

„Од  2019 година таа е успешна директорка на еден од најпрестижните уметнички фестивали во земјава, меѓународниот фестивал 'Охридско лето' и почесен делегат на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА). Во сите овие години, сигурен сум дека Наташа ја заслужи довербата на властите и почитта на граѓаните, колегите и пријателите, ставајќи ги своите професионални вештини во служба на својата земја, но и на пошироката меѓународна заедница, внимателно избирајќи ги различните уметнички предлози кои доаѓаат од странство. Потврдувам дека таа многу ја заслужи почитта од Италија, бидејќи имав задоволство тесно да соработувам со неа во изминатите години. Таа организираше неколку извонредни италијански вечери, носејќи го пред локалната публика „Кремот на  кремот“ на италијанската музика и музичари, диригенти и оперски пејачи“, кажа амбасадорот Силвестри.

Тој потенцира дека е особено задоволен што претседателот на Италија, Серџо Матарела го прифатил неговиот предлог, да го додели ова признание со кое се стекнуваат личности значајни за унапредување на односите меѓу двете земји.

Директорката Поповиќ, заблагодарувајќи се за ова признание кажа дека е голема честа да се добие ваков значаен Орден како признание за успесите на „Охридско лето“, но и потврда за залагањата и посветеноста на целиот тим кој го подготвува и реализира фестивалот.

„Овој Орден го споделувам со мојот тим без кој не може да се постигнат успесите по кои нѐ препознаваат како дома, така и надвор од нашата држава. Навистина е огромна радост кога ќе ви ги препознаат успесите и во иднина продолжуваме да испишуваме уште многу успешни фестивалски изданија“, рече  Поповиќ.

„Витез на Редот Ѕвезда на Италија“ е одликување воведено во 1947 година како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“. аб/цр

Фото: Охридско лето

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан