Димитровска: Недоволна политичка поддршка и административни пречки, главни фактори кои ја успоруваат Националната стратегија за спречување корупција
- Ограничените финансиски ресурси, недоволна политичка поддршка и административни пречки, остануваат главните фактори кои ја успоруваат имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупција и судирот на интереси, истакна Татјана Димитровска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Скопје, 28 март 2025 (МИА) - Ограничените финансиски ресурси, недоволна политичка поддршка и административни пречки, остануваат главните фактори кои ја успоруваат имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупција и судирот на интереси, истакна Татјана Димитровска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
На денешната јавна седница на ДКСК, Димитровска нагласи дека од вкупно 154 активности за 2024 година, само 18 проценти се целосно реализирани, 32 проценти се во процес на реализација, а 50 насто од активностите остануваат нереализирани.
-Еден од клучните позитивни аспекти во реализацијата на Стратегијата е зголемувањето на свеста за важноста на институционална отчетност како и активната улога на ДКСК во унапредување на системите за превенција и санкционирање на коруптивните практики. Но, поради ограничени финансиски ресурси, недоволна политичка поддршка и административни пречки, остануваат главните фактори кои ја успоруваат имплементацијата на стратегијата. Во текот на минатата година реализацијата на мерките и активностите предвидени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, покажаа напредок во одредени области, но истовремено се соочивме со сериозни предизвици кои бараат дополнителни ангажмани бидејќи се уште постојат значителни слабости во имплементацијата и мониторингот на превидените активности. Согласно податоците од годишниот мониторинг од вкупно 154 активности за 2024 година, само 18 проценти се целосно реализирани, 32 проценти се во процес на реализација, а 50 насто од активностите остануваат нереализирани. Податоците покажуваат дека е потребно посилно ангажирање на сите засегнати страни и институции и подобрување на координацијата меѓу државните органи, граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународните партнери, посочи Димитровска.
Членовите на ДКСК се сложија дека во наредниот период потребно е засилување на институционалната координација, обезбедување на финансиски и кадровски ресурси, зголемување на транспарентноста и отчетноста, поддршка на реформите во правниот систем, поттикнување на активна улога на граѓаните и активно вклучување во подготовка на новата Национална стратегија што ќе го опфати периодот 2026-2030 година.
Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната седница го усвои и годишниот извештај за работата на ДКСК за 2024 година, според кој тие лани донеле 742 одлуки, обработен е 451 предмет за корупција на судир на интереси, а од нив 27 се проследени кон надлежни органи за постапување во понатамошна постапка.
-ДКСК иницираше измени во Законот за спречување корупција и судир на интереси со цел зајакнување на постојните антикорупциски механизми и спречување злоупотреба на јавните ресурси, во кој се вклучува зголемување на надлежностите на ДКСК. Извршивме проценка на ризиците во правосудството, односно во соработка со ОБСЕ, Комисијата спроведе детална проценка на ризици во правосудниот систем и детектирани се значајни слабости и предложени мерки за нивно надминување, извештајот вклучуваше и препораки за подобрување на системот за доделување предмети, спречување на влијание врз судските одлуки и зајакнување на независноста на судиите и обвинителите. Со стратешки пристап, професионализам и континуирана соработка, истакна Димитровска, и додаде дека ДКСК останува посветена за градење на ефикасен, транспарентен и одговорен јавен сектор. мт/аа/
Фото: МИА