• понеделник, 23 декември 2024

Димитриеска-Кочоска на средби во ММФ: Го стабилизираме управувањето со јавните финансии 

Димитриеска-Кочоска на средби во ММФ: Го стабилизираме управувањето со јавните финансии 

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Подобрување и одржување на макроекономската стабилност, поддршка на економската активност и забрзување на економскиот раст се главни цели на фискалната политика која ќе ја води новата Влада. Процесот на стабилизирање веќе е започнат со усвоениот Ребаланс на Буџетот за 2024 година и ќе продолжи со дисциплинирано буџетско трошење, постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, со истовремено згоелмена ефикасност во наплатата на приходите. Ова било констатирано на средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со Жероен Клик, којшто ќе ја преземе функцијата извршен директор на ММФ и Марникс ван Рај, којштo треба да ја преземе функцијата алтернативен извршен директор.

-По преземање на власта во текот на јули подготвивме ребаланс на Буџетот за 2024 година со цел да обзбедиме стабилизирање на јавните финансии и отплата на обврските кои беа пропишани со закони и доспеаните обврски. Фискалната консолидација е процес кој е веќе се практикува и во Ребалансот преку кратење на непродуктивните трошења. Тој процес со дисциплинирано буџетско трошење ќе продолжи и во наредниот период што ќе се одрази на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Од друга страна ќе се подобрува приходната страна на буџетот со зголемување на ефикасноста во наплатата особено во делот на неформалната економија, рекла министерката за финансии.

Таа посочила дека на ваков начин постепено ќе се постигнат фискалните правила за нивото на буџетскиот дефицит до 3% од БДП и јавен долг до 60% од БДП.

-Усвоена е Фискалната стратегија и исцртана е траекторијата по која ќе се движи буџетскиот дефицит, како и Стратегијата за управување со јавен долг со кој, исто така, се обезбедува остварување на напорите на Министерството за финансии за прудентно управување со јавниот долг и достигнување ниво под 60% до 2029 година. Во тие рамки веќе во завршна фаза е буџетот за 2025 година со кој се очекува намалување на буџетскиот дефицит во споредба со ребалансот од оваа година и ќе биде на ниво не повеќе од 4% од БДП, истакнала Димитриеска-Кочоска.

Таа, како што информираат од Министерството за финансии, напоменала дека покрај фискалната консолидација силен фокус од страна на Владата е ставени на заживување на економијата и дека во таа насока ќе се имплементира сосема нов концепт кој се заснова на инвестиции. Тоа, рекла, ќе биде поддржано преку инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии што ќе значи одржување високо ниво на капитални расходи и зајакнување на транспарентноста и отчетноста. Дополнително, како што истакнала, економската активност ќе се поддржи и преку реализација на еден нов инвестициски циклус од над 500 милиони евра од страна на приватниот сектор.

Исто така, посочила дека важна улога ќе има и даночната реформа која се заснова на зајакнување на наплатата на приходите пред се преку намалување на неформалната економија, што, според неа, покрај поголема ефикасност во прибирање на приходите, ќе создаде и рамноправни услови за работа на компаниите и нивна поголема конкурентност.

На средбата било истакнато дека во рализација на планираните реформи значајна улога ќе одигра примената на новиот Закон за буџети, подзаконските акти на кои се работи во моменот, а кои се со цел имплементација на најдобри практики во планирањето и извршувањето на буџетот. Исто така, се очекува позитивно влијание и од дигитализација на процесите.

-Реформите коишто се планирани ќе добијат поддршка и од најавениот План за раст на Западен Балкан на ЕУ за што до крајот на годината се очекува првата транша во износ од 7% од вкупната сума која е околу 750 милиони евра. Во изминатиот период исто така беа преземени одредени реформски активности кои беа имплементирани во согласно со Линијата за ликвидност и петпазливост на ММФ  -  ПЛЛ, а кои беа во насока на одржување здрави макроекономски политики, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Во Вашингтон министерката Димитриеска-Кочоска, заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска ќе оствари средби и со високи претставници на Светска банка. Инаку, министерката и гувернерката во Вашингтон учествуваат на редовните Годишни средби на ММФ и СБ кои се одржуваат од 21 до 26 октомври 2024 година. сст/са/

фото Министерство за финансии
 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан