• сабота, 23 ноември 2024

Димитриевски: Мислам дека е погрешно „Вреди“ да го имитираат ДУИ

Димитриевски: Мислам дека е погрешно „Вреди“ да го имитираат ДУИ

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - Мислам дека е погрешно „Вреди“ да го имитираат ДУИ, бидејќи ДУИ е веќе видена работа и едно минато, изјави денеска претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, прашан во какви односи се со коалицијата „Вреди“ по несогласувањата околу Балансерот.

- Мислам дека нашиот партнер во власта, иако ЗНАМ е партнер со ВМРО-ДПМНЕ во оваа власт и во ниту еден момент ние немаме како политичка партија разговарано за било каква коалиција или заемна поддршка на централно ниво, но, сепак тие се партнер на нашиот партнер, го почитуваме тоа, но, ќе мора да направат корекција на самите себеси. Мислам дека е погрешно да го имитираат ДУИ, бидејќи ДУИ е веќе видена работа и едно минато. Треба да креираме нови политики за економски раст и развој на државата, бидејќи граѓаните веќе не се оптеретени, кој какво знаме ќе вее или кој е поголем заложник за исполнување на некои си наводни национални платформи и стратегии, туку едноставно, граѓаните сакаат да живеат во средена држава во која корупцијата ќе се намали, ќе се изгради систем и ќе се направи функционална држава, функционален систем во функција на граѓаните и на државите, одговори Димитриевски, кој присуствува на форумска дебата - „Државните стратегии и предизвиците за одржлив развој на општините“, на факултетот „Хајделберг“ во Скопје.

Димитриевски рече дека видел од социјалните медиуми за случајот со приватната посета на собранискиот спикер Африм Гаши со службени возила. Тој рече дека чека официјален одговор од надлежното Министерство, во делот на „уредување на режимот на движењето на ваков тип на високи функционери“.

- Откако ќе го слушнам, ќе го дадам и својот став. Доколку возилото е користено за приватни потреби и семејни веселби, тоа е недозволиво. Во спротивно, ако вие вршите една таква висока функција во државата и ви следува обезбедување, извршено сѐ согласно протоколот, тогаш нема никакви пречки да се прави тоа. Но, сепак оставам на официјалните надлежни државни институции да се произнесат по случајот, а потоа и јас ќе го дадам своето видување, рече Димитриевски. бд/нд/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан