• сабота, 21 декември 2024

ДЗР: Не завршената ре-валоризација на националниот парк Маврово и суспендираните урбанистички планови влијаат на работењето на општината и зголемениот број на бесправно изградени објекти

ДЗР: Не завршената ре-валоризација на националниот парк Маврово и суспендираните урбанистички планови влијаат на работењето на општината и зголемениот број на бесправно изградени објекти

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Општината не може да пристапи кон изработка на нови урбанистички планови сѐ додека не се донесе Закон за ре-прогласување на Национален парк Маврово и не се усвојат зоните на заштита, додека состојбите на немање на урбанистички планови и неможноста да се издаваат решенија за градење придонеле на територијата на општината да се изградат голем број на бесправно изградени објекти, стои во извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Маврово и Ростуше за 2023 година, од страна на Државниот завод за ревизија.

Во извештајот што денеска го објави ДЗР се посочува дека се констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година за сметките на основен буџет 630 и 637, а за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики изразено е неповолно мислење за сметката на основен буџет 630 и мислење со резерва за сметката на основен буџет 637.

- Поради губење на базата на податоци за данокот на имот со бришење на целиот компјутерски систем за евиденција, во периодот од 2013 до 2018 година, општината не издавала решенија за данок на имот, а од 2018 година, пристапено е кон поединечно внесување на решенија и со прибирање на податоци за обврзниците при промет на недвижноста, наследство и подарок. Бројот на обврзници и на издадени решенија е зголемен од 2.278 во 2019 година до 3.176 во 2023 година. Поради некомплетната база на податоци и не издадените решенија за данок на имот на сите обврзници, не е испочитувана законската обврска за водење регистар на недвижен имот кој подлежи на оданочување, се вели во извештајот.

Заклучно со 31.12.2023 година, општината побарува 11.485 илјади денари, од кои 77 проценти по основ на данок на имот, а 23 проценти по основ на комунални такси за фирма, односно назив на деловна просторија, за кои не се преземени мерки и активности за нивна наплата.

Се подвлекува дека Општината не остварува приходи по основ на комунални такси за поставување на рекламни паноа, користење на простор пред деловни простории и поставување на урбана опрема, а не остварува приходи и од надоместок за одржување на јавната чистота.

ДЗР констатирал дека за реализација на програмските активности за 2023 година на ЈПКД „Маврово“ општината нема издвоено буџетски средства, ниту е склучен договор за уредување на меѓусебните права и обврски.

И покрај тоа што постапката за ре-валоризација на Националниот парк Маврово е започната во 2012 година, се вели во извештајот, до денот на ревизијата истата не е завршена, односно не се утврдени зоните на заштита, а со Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија укинати се Урбанистичкиот план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 и Урбанистичката документација за населено место Леуново – Општина Маврови Анови.

Во ревизорскиот извештајо се наведува дека поради суспендираните урбанистички планови, општината не е во можност да издава дозволи за градење и да наплатува надоместок за уредување на градежно земјиште, а согласно препораките на Постојниот комитет на Секретаријатот на Бернската Конвенција престанува да постапува по барањата за легализација на бесправно изградените објекти се до завршување на постапката за ре-прогласување на Национален парк Маврово.

Приходите по основ на надомест за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, не се користат за донесување на урбанистички планови и не се доставува извештај до Министерството за транспорт и врски за нивното користење. По извршените инспекциски надзори и издадените решенија за рушење на бесправно изградени објекти, општината не преземала активности за нивно административно спроведување.

Неусогласеноста на билансните позиции во финансиските извештаи, сметководствената и материјалната евиденција од книгата на основни средства, неевидентираните објекти за кои постои доказ за сопственост на општината, неправилностите при вршење на пописот на средствата и обврските и не воспоставената материјална и сметководствена евиденција за набавените и потрошените материјали, како што утврдила ревизијата, влијаат на реалноста и објективноста на Билансот на состојба на ден 31.12.2023 година.

Во 2023 година, општината направила расходи во износ од 1.723 илјади денари без поткрепувачка документација, а извршени се набавки на услуги во износ 855 илјади денари, за кои не биле спроведени постапки за ЈН.

Во извештајот од ДЗР за надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица. цр/са/

Фото: принтскрин

Остани поврзан