Десничарските популисти стануваат „нова нормалност“ во европската политика
- Постапката за именување на членовите на новата Европска комисија и неодамнешното гласање за измените на Регулативата против уништување на шумите во Европскиот парламент го покажаа се поголемото значење и влијание на десничарските политички сили во ЕУ
Брисел, 30 ноември 2024 (МИА) - Постапката за именување на членовите на новата Европска комисија и неодамнешното гласање за измените на Регулативата против уништување на шумите во Европскиот парламент го покажаа се поголемото значење и влијание на десничарските политички сили во ЕУ.
По јунските избори за Европскиот парламент многумина сметаа дека десно центристичката Европска народна партија (ЕПП), лево центристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) и центристичката либерална група Да ја обновиме Европа (РЕ) без проблем ќе го одржат досегашното „проевропско центристичко мнозинство “ и ќе продолжат заедно да доминираат во креирањето на политиките на ниво на ЕУ.
Таквата оценка беше потврдена при распределбата на трите водечки функции во ЕУ – ЕПП го доби местото претседател на Европската комисија, СД – претседател на Советот на Унијата, а либералите – позицијата шеф на европската дипломатија. Потврда за опстојувањето на оваа коалиција беше и реизборот на Урсула фон дер Лајен за претседателка на Еврокомисијата од страна на Европскиот парламент со поддршка на гласовите на ЕПП, СД и РЕ, засилени и со блокот на Зелените.
Но, во периодот по ова идиличната слика за единството на проевропските сили и за опстојувањето на „санитарниот коридор“ кон десните популисти и екстремната десница, почна да бледее.
Тоа прво се покажа при гласањето за измените на Регулативата против уништување на шумите, кои поминаа благодарение на поддршката на европратениците од ЕПП, трите десничарски групи – Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), Патриоти за Европа (ПФЕ) и Европа на суверени нации, како и неколкумина „одметници“ од РЕ, кои не ги следеа препораките на мнозинството во либералниот блок.
По ова белгиската европратеничка Кетлин Ван Бремпт од редовите на СД во објава на социјалните мрежи оцени дека е очигледно оти ЕПП се почесто бара сојузници меѓу десничарските партии.
- Се повеќе, често и поотворено, гледаме како Европската народна партија предводена од Манфред Вебер ја отфрла постоечката проевропска коалиција и бара сојузи со екстремната десница на политичкиот спектар, напиша Ван Бремпт.
Тенденцијата на засилено влијание на десницата потоа беше потврдена и при одобрувањето на новите еврокомесари. Спорот настана околу потврдувањето на номинациите на потпретседателите на ЕК, Тереза Рибера Родригез и Рафаеле Фито, како и на еврокомесар за здравство и благосостојба на животните Оливер Вархеји, поради што зе една недела беше одложено одобрувањето и на останатите четворица потпретседатели.
Ќорсокакот од оваа ситуација беше надминат минатата средба врз основа на договорот постигнат меѓу лидерите на лидерите на ЕПП, Манфред Вебер, на СД, Ираче Гарсија Перез и на РЕ, Валери Ајер, во што посредувале и неколкумина шефови на влади на земјите членки, како премиерите на Шпанија, Педро Санчез, на Грција, Киријакос Мицотакис и на Полска, Доналд Туск. Врз основа на договорот, СД се откажа од противење на именувањето на Италијанецот Фито, кој доаѓа од редовите ЕЦР, за извршен потпретседател на ЕК за кохезија и реформи и на Вархеји, кој е близок ПФЕ, а за возврат ЕПП се согласи за поддршка на кандидатурата на социјалдемократката Тереза Рибера Родригез за извршна потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и за еврокомесарка за конкурентност.
Со ова СД ги прекрши своите „црвени линии“ поставени за време на кампањата за јунските евроизбори дека нема да поддржи именување на претставник на десницата на висока позиција во ЕУ, додека ЕПП ја погази втората по големина нејзина членка, шпанската Народна партија (ПП), која жестоко се противеше на изборот на Рибера Родригез, поради нејзината „несоодветна реакција“ како министерка за еколошка транзиција и демографски предизвици на Шпанија, при неодамнешните катастрофални поплави во земјата во кои загинаа најмалку 220 лица.
Договорот, на барање на социјалдемократите, вклучи и одземање на ингеренциите на Вархеји за правата на сексуално и репродуктивно здравје и за подготвеноста и управување со кризи, како и надзорот над Управата за подготвеност и одговор при здравствени итни случаи (ХЕРА), кои и се пренесени еврокомесарката за подготвеност, управување со кризи и еднаквост, Белгијката, Хаџа Лабиб, како и Изјава за соработка за спроведување на заедничките политички приоритети за претстојниот мандат, фокусирајќи се одржливиот раст, конкурентноста, подготвеноста, демократските вредности, дигитална транзиција и посветеност на „се поблиска Унија“.
Со ова се трасираше патот за избор на новата Европска комисија, која во средата беше одобрена од страна на Европскиот парламент со гласовите на големо мнозинство од европратениците на ЕПП, СЕ и РЕ, но и со поддршка на дел од претставниците на ЕЦР, предводени од партијата Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Сето оваа во пракса го покажа зголеменото влијание на десничарските политички сили во ЕУ и можноста за нивно поактивна улога во носењето на одлуките во блокот.
Европската народна партија, па и самата Фон дер Лајен, во предизборната кампања не ја исклучија можноста за соработка за некои прашања со „здравите сили“ во редовите на десницата, кои може да бидат легитимни и корисни партнери за прашања како поддршката на Украина, алудирајќи првенствено на ФДИ на Мелони и покрај заканите на социјалдемократите дека би можеле да гласаат против реизбор на старо-новата претседателка на ЕК, доколку има „каква било структурна соработка“ помеѓу ЕПП и ЕЦР.
Германскиот европратеник од редовите на ЕПП, Петер Лизе, минатата недела изјави дека резултатите од евроизборите укажале дека се потребни промени.
- По овие избори, ние имаме одговорност да се погрижиме нешто да се смени... Многу често, мнозинството ќе ги вклучува ЕЦР, рече Лизе.
Ова беше оценето како најава за можно значително „свртување в десно“ на Европскиот парламент во креирањето на некои политики на ЕУ, како миграцијата, заштитата на традиционалните индустрии, земјоделството и производството на челик или климатската акција, прашања за кои ставовите на ЕПП се поблиски до оние на десничарските партии, отколку до останатите два „проевропски центристички“ групации.
И покрај заканите на СД, ЕПП не отстапи од ваквите свои заложби и цврсто застана зад изборот на сопартиецот на Мелони, Фито за извршен потпретседател на ЕК, па дури и на Вархеји, кој е предлог на Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија партија Фидес е дел од екстремно десничарската група Патриоти за Европа. Всушност и се оценува дека противењето на ЕПП за избор на членката на СД, Рибера Родригез, беше потег за да се принудат социјалдемократите да се согласат на одобрувањето на Фито и Вархеји.
Лизе во неодамнешната изјава посочи дека именувањето на Фито на „висока позиција“ било усогласено уште при постигнувањето на договорот меѓу ЕПП, СД и РЕ за реизбор на Фон дер Лајен и за избор на социјалдемократот Антонио Кошта за претседател на Европскиот совет и на либералката Каја Калас за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
- Според мене не постои заштитна бариера за ЕЦР, исто така како и за кандидатите за комесари на РЕ и СД, инаку договорот немаше да биде прифатен со двотретинско мнозинство, рече Лизе.
Целата драма околу изборот на новата Комисија сепак заврши со конечен договор и таа од утре ќе може да го почне својот петгодишен мандат.
Но, доделувањето на контролата над милијарди евра на ЕУ за регионален развој, рибарство, земјоделство и транспорт на едена „десничарски популист“ како Фито создава нова реалност во ЕУ.
До пред само пет година изгледаше незамисливо еден член на ЕЦР, каде втора по големина сила по ФДИ е полската десничарска популистичка партија Право и правда (ПиС) да добие толку значајна и одговорна позиција во институциите на ЕУ.
Навраќајќи се на настаните од изминативе недели, словачката либерална европратеничка Љубица Карвашова изјави дека има впечаток оти на повидок е крај на т.н. „златно доба“ во соработката помеѓу ЕПП, СД и РЕ.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, која е од редовите на ЕПП, во изјава за бриселскиот портал „Еурактив“ истакна дека нејзина примарна цел е „создавање и одржување на проевропско мнозинство, фокусирано на конструктивни решенија и унапредување на нашата Унија“.
- Сакам да поттикнам консензус што ги надминува политичките разлики, работејќи на обезбедување на најширока можна поддршка - без разлика на прашањата, било да е тоа економијата, миграцијата или климата, рече Мецола, потенцирајќи дека е горда на ефикасноста на ЕП во обезбедувањето мнозинство за сложени и чувствителни прашања. сп/
Фото: МИА Архива