• вторник, 26 ноември 2024

Делчево го одбележа Светскиот ден на лица со аутизам

Делчево го одбележа Светскиот ден на лица со аутизам

Делчево, 2 април 2024 (МИА) - Со низа активности во Делчево беше одбележан Светскиот ден на лица со аутизам. Беа одржани работилници и низа активности од страна на ученици од Делчево со поддршка на специјалните едукатори и рехабилитатори од деветолетката „Св.Климент Охридски“.

-Во рамки на работилниците по повод Меѓународниот ден на лицата со аутизам се одржа презентација и краток анимиран филм за аутизмот. Целта е подигнување на свеста кај учениците за лицата со аутизам, прифаќање на различностите кај децата и рушење на бариерите, предрасудите и дискриминацијата кон овие лица, истакна ученичката Надица Колевска. 

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на лица со аутизам на граѓаните им беа поделени флаери со пораки за значењето на денешниот датум.

-Активностите беа реализирани преку иницијатива за подигнување на јавната свест за лицата со аутизам преку делење на брошури, картички и балони со сина боја од страна на учениците во институциите и на случајни минувачи во градскиот парк на градот Делчево. Оваа денешна иницијатива ја завршивме со следнава порака „Иако сме различни, сепак правиме совршена слика", вели  Колевска.

Аутизам, како што беше кажано на денешната презентација, е нарушување на невролошкиот развој, кое се одликува со намалена способност за социјализација и комуникација и со ограничено и повторливо однесување. Секој 2 Април се одбележува Денот на лицата со аутизам, но тоа според едукаторите не значи дека за оваа состојба треба да се зборува само тој ден, туку сите треба да имаат слух за тоа секојдневно да ја подигнуваат колективната свест за потребите и проблемите со кои лицата со аутизам и нивните родители постојано се соочуваат. вс/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан