Делегација на МАЕИ на традиционалниот божиќен прием во митрополијата во Корча
- Делегација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), денеска беше во посета на митрополијата на Корча.
Дебар, 25 декември 2024 (МИА) - Делегација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), денеска беше во посета на митрополијата на Корча.
- Заедно со членовите на Извршниот комитет на партијата, Атанас Плоча и Нико Андони, присуствувавме на традиционалниот прием во седиштето на Корчанската митрополија, по повод големиот христијански празник Раѓањето Христово – Божиќ, изјави за МИА Васил Стерјовски, претседател на партијата.
Додаде дека на митрополитот Јован, а преку него и на верниците во митрополијата му го честитале празникот и му посакале добро здравје, радост, среќа, благосостојба а се заложиле и за продолжување на верската хармонија, по која е препознатлива Албанија.
-Од наше и од име на партијата и Македонците, и до сите верници во земјава и светот, кои го слават Божик според Грегоријанскиот календар, упатуваме честитки со желби за среќен и благословен Божик, исполнет со мир, љубов и благосостојба, посочи Стерјовски.
Честитка до верниците по повод денешниот голем празник упати и Македонското друштво „Илинден". вт/дма/
Фото: МАЕИ