• понеделник, 23 декември 2024

Делегација на Бордот на директори на ЕБОР во петдневна посета на Северна Македонија

Делегација на Бордот на директори на ЕБОР во петдневна посета на Северна Македонија

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - Претставници од Бордот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска пристигнуваат во петдневна посета на Северна Македонија, за време на која ќе се сретнат со владини претставници, претставници од граѓанскиот сектор, инвеститори и претприемачи.

Целта на посетата, како што соопштуваат од ЕБОР, е да се запознаат со економската и инвестициона клима, и да ги идентификуваат клучните области на ангажманот на ЕБОР, во насока на интензивирање на деловниот и политичкиот дијалог.

Домаќин на делегацијата е Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија. Бордот на ЕБОР ќе биде претставуван од Шун Цучида, советник на Бордот за Јапонија,  Инка Мулерова, советник на Бордот за Чечија, Диого Лопез Монтеиро, советник на Бордот за Португалија, Ариана Калиари, советник на Бордот за Италија, Енрике Мадерел, советник на Бордот за Северна Македонија, Холандија, Кина, Монголија и Арменија. 

Советниците на Бордот, како што е наведено во соопштението, ќе се сретнат со министерката за енергија, рударство и минерали Сања Божиновска, со државната советничка во Министерството за енергија Елена Ивановска, со претставничките на Народната Банка на Република Северна Македонија, вицегувернерките Емилија Нацевска и Ана Митреска и со генералниот директор на Одделот за супервизија Викторија Глигорова.

Делегацијата ќе оствари средби и со претставници на меѓународните финансиски институции, комерцијални банки и енергетски компании (МЕПСО, ЕСМ и НОМАГАС), како и претставници на граѓанскиот сектор и дипломатската заедница.

До денес Банката има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти во Северна Македонија. Последната стратегија на ЕБОР за земјата е одобрена во 2019 година

-ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија и до денес има инвестирано над  2.9 милијарди евра во 196 проекти, фокусирајќи се на поддршка на конкурентноста преку зајакнување на ланецот на вредности, надградба на вештините на работната сила, зајакнување на управувањето, унапредување на регионалната интеграција и поврзување на меките вештини, поддршка на доближување до Европската Унија и натамошна транзиција на зелената економија преку поодржлива комбинација на енергии и поголема ефикасност на ресурсите, се наведува во соопштението. дма/сст/

Фото: МИА архива

Остани поврзан