• сабота, 23 ноември 2024

Дебата: Потребно е јасно утвврдување на опфатот на високо раководни служби

Дебата: Потребно е јасно утвврдување на опфатот на високо раководни служби
Скопје, 21 мај 2021 (МИА) - Во законодавството во земјава не постои јасно разграничување помеѓу политичкото и професионалното ниво односно не е јасно дефиниран и утврден опфатот на високо раководни служби. Евидентното е дека не постојат јасни правила и критериуми за именување и разрешување на директорите ниту пак има отворен натпревар за голем дел од овие позиции со што се нарушува принципот на заслуги. Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири на денешната онлајн дискусија за Законот за висока раководна служба, во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“. - Предложениот модел и измените на законите, се засноваат на принципите на демократичност и транспарентност кои се основа за градење политички неутрална јавна администрација. Во декември 2019 година Владата го достави до Собранието Законот за висока раководна служба и тој помина во прво читање. Во ноември 2020 Владата го врати законот на доработка и усогласување со останатите законски решенија. До крајот на следната недела, пакетот закони за јавната администрација, меѓу кој и Законот за висока раководна служба, ќе бидат објавени на ЕНЕР, а МИОА ќе организира јавни расправи со сите засегнати страни. Пакетот закони треба да влезе во владини процедури до крајот на јуни, а до крајот на летото и во собраниска процедура, Шаќири. Минисерството за информатичко општество и администрација уште во 2018 година го започна концептот на високо раководна служба, со кој ќе се воспостави воедначена процедура за назначување на раководни позиции, професионализација, систем на високо раководна служба, кои како како новина со овој се предлага да обезбеди постигнување на клучни и многу важни цели и тоа: професионални раководители преку отворена меритокрациска постапка врз основа на нивните професионални компетенции, исто така воспоставување на довербата помеѓу политички избрани и именувани раководители. Министерот Шаќири рече дека со законот се предлага да се воспостави целосно нов систем кој ќе се имплементира постепено со можност  во иднина новиот модел да биде имплементиран од целиот јавен сектор. Целта на владата, посочи тој, е за реформа и професионализација на јавната администрација. Љупчо Николовски, вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, истакна дека Владата дава поддршка за целосна професионализација, департизација, деполитизација на институциите во општеството е и дека тоа е вклучено во програмата за работата на Владата. - Верувам дека со широка дебата ќе испратиме јасни пораки дека забрзано чекориме по тој пат и дека ќе ги искористиме можностите и ќе направиме услови парламентот да ги донесе сите овие пакети на закони, а со тоа да имаме прилика да ги промени состојбите. Ние цврство сме решени забрзано и засилено да продолжиме да чекориме во јакнење на капацитетот на јавната администрација, на деполитизација, професионализацијата, на потпирање на база на интегритет, стручност, јасни критериуми и јасно отворени постапки, рече Николовски. Биљана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција смета дека изборот и разрешување на одговорни лица вообичаено е предвремено и често се врши по препорака на основачот односно Владата или општините. - Воспоставената пракса покажува дека на објавениот оглас на изборот за директор се јавува само еден кандидат, вообичаено тоа е лицето кое што е однапред планирано за таа позиција. Ова всушност е проверен начин за вработување на лица поврзани со политички партии, без разлика на нивната стручност и е препознаен како поделба на управувањето со државните институциите на политички партии од власта. Именувањето на вршители на должност се врши во континуитет по неколку пати од шест месеци, имавме случај на в.д. избран седум пати во шест месеци. Со ваков начин на работа се остава простор за висок ризик од политичко влијание и клиенталистичко постапување на избраните лица со што се загрозува редовното функционирање на институциите. За жал ниту еден закон не предвидува санкции за ваквото постапување. Ова доведува до разградување на системот на вредности и професионализам како и иселување на квалитетниот кадар, заклучи Ивановска. Миша Поповиќ, раководител и постар истражувач во Институт за демократија „Социетас Цивилис“ потенцира дека потребата за воведување евиденции за интервјуата реализирани при избирање на кандидати за високо раководни позиции е првиот чекор кон отворање на процесот. - Дури и кога се бараат вршители на должност, потребно е да се води евиденција и таа евиденција да е достапна за да може да се провери дека се барале кандидати кои што ќе имаат најдобар успех во раководењето на институцијата, рече Поповиќ. Настанот беше организиран во рамки на проектот „Набљудување за назначувања засновани на заслуги во високата раководна служба“, кој Институт за демократија го спроведува со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската Амбасада во Скопје.фф/са/

Остани поврзан