• четврток, 07 ноември 2024

Дебата НКЕУ-МК: Без веродостојни и квалитетни податоци не може да се обезбеди соодветно спроведување реформи неопходни за влез во ЕУ

Дебата НКЕУ-МК: Без веродостојни и квалитетни податоци не може да се обезбеди соодветно спроведување реформи неопходни за влез во ЕУ

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Воведување задолжителна транспарентност на сите државни институции преку објавување податоци во отворен формат, со што ќе се зголеми степенот на јавна отчетност и ќе овозможи поголем пристап до информации, едукација за управување со податоци во јавниот сектор, интеграција на индикатори за владеење на правото и контрола на корупцијата во државните стратегии, како и унапредување на порталите за отворени податоци, се дел од препораките на 4-та сесија од Работната група 6 (Поглавје 5-Јавни набавки; Поглавје 18-Статистика; Поглавје 32-Финансиска контрола) на тема „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија и ефикасна борба со корупцијата“, на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија (НКЕУ-МК).

Експертите беа согласни дека доколку сакаме да се намали корупцијата во државата, работењето на институциите треба да биде целосно видливо за јавноста. 

Гувернерката на Народна банка на Северна Македонија Анита Ангеловска Бежовска, посочи дека квалитетната статистика е основа за издржани политики и просперитет на економиите.

-Квалитетни, конзистентни и навремени статистички податоци се предуслов за носење квалитетни одлуки од страна на јавниот и приватниот сектор, а во интерес на повисок и поинклузивен економски раст, заснован на демократски вредности, рече гувернерката. 

Додаде дека низ призмата на централните банки, статистиката е основа за остварувања на нивните законски мандати - разбирање на економските појави и трендови, навремено идентификување ризици и преземање мерки со цел да се спречи нивна материјализација, но и оценка дали мерките даваат резултат или е потребна нивна рекалибрација.

-Ова е особено значајно во периоди на шокови од невидена природа и размери, кога од Централната банка се очекува брза и силна реакција, а во услови на исклучителна неизвесност, што бара и експериментирање, рече Ангеловска Бежовска.

Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Дејан Станков укажа дека важна активност што претстои на ДЗС и на Националниот статистички систем е партнерското оценување на спроведувањето на Кодексот за работа на европската статистика.

-Целта е да се оцени степенот до кој се усогласени националните статистички институции со Кодексот за работа на европската статистика. Препораката од првото оценување е дека македонскиот статистички систем треба да се развива во согласност со Европскиот статистички систем, регулативите на ЕУ и Кодексот за работа на европската статистика, рече Станков.

Словенечкиот професор Мојмир Мрак при Економскиот факултет во Љубљана, истакна дека економските критериуми за пристапување во ЕУ останаа исти по 20 години – земјата мора да има слободен пазар и да биде конкурентна. Истакна дека добрата статистика е неопходна за квалитативна анализа.

-Без добра статистика нема да имате увид во проблемите со кои се соочувате, за дезинформациите, без добра статистика не може да се носат одлуки. Добрата статистика е предуслов ако сакате да спојувате податочни агрегати, таа е основа за добра регулаторна рамка и е предуслов за нормално економско управување со една држава која сака да стане членка на ЕУ, рече Мрак.

Мај Ериксон Готе, консултантка од меѓународната развојна соработка меѓу статистика Шведска и Државниот завод за статистика на Северна Македонија, истакна дека статистичките податоци играат главна улога во одржливиот развој на едно општество и се главен предуслов за носење политички одлуки, а граѓаните притоа можат да бараат отчетност.

-Статистичките податоци мора да еволуираат и да држат чекор со развојот на општеството. На многу земји со низок и среден доход им недостига знаење за ажурирање статистички податоци, рече таа, додавајќи дека ако сакаме да обезбедиме дека националните статистички податоци се доверливи и употребливи, мора да се исполнат неколку критериуми.

-Професионална независност - статистичките власти мора да бидат независни од други политички или регулатоторни тека, тие мора да имаат соодветни средства и ресурси со цел да се одговори на барањата. Од клучна важност е доверливоста на статистичките информации и нивната безбедност мора да биде гарантирана, рече Ериксон Готе.

Националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европскоот движење, професор Милева Ѓуровска, истакна дека статистиката е основа за креирање ефективни и транспарентни политики во сите области.

-Податоците за социјалните и демографските трендови се основа за економските планови и сите други политики. Следењето на економските движења преку економските и монетарните индикатори се многу значајни за секоја инвестициска одлука. За земјите-кандидатки за членство во ЕУ статистичките податоци се неопходни за оценување на напредокот во реформите и исполнувањето на критериумите од Европската агенда, рече таа. 

Таа додаде дека Државниот завод за статистика како и другите институции кои создаваат бази на податоци, веќе имаат изградено системи за собирање и објавување статистички податоци. -Исто така, важно е да биде нагласен квалитетот на податоците. Дури и најдобрата статистичка методологија доследно спроведена не може да даде добри резултати ако податоците кои се обработуваат не се репрезентативни или се погрешни, рече Ѓуровска. 

Драган Тевдовски, професор на економскии факултет при УКИМ се осврна на важноста на транспарентноста и објавувањето на податоците. 

-Ако сакаме да се намали корупцијата, работењето на институциите треба да биде целосно видливо за јавноста, сите договори и анекси да бидат видливи и јавни и да се се пребаруваат по институции, секој граѓанин во секој момент треба да има увид во работатата на институциите, рече Тевдовски, додавајќи дека за тоа е важно и финансиска писменост на населението.

Вели дека треба да постои веб сајт којшто ќе направи можност за пребарување на сите фирми, домашни или странски кои добиваат пари од државата, бидејќи Централен регистар не дава доволно информации за тоа.

Јоана Маџоска, економист во Светска Банка смета дека не можеме да имаме добри економски политики без добри макроекономски податоци. Нагласи дека Таа од аспект на добро владеење е потребна деполитизација на јавниот секгор, заменување на политичките вработувања со професионални вработувања, како и зајакнување на капацитетот на институциите и дигитализација. 

Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси интернешенел Македонија, рече дека за да статистиката да биде вистинита во својата целост треба да ги содржи сите оние податоци, односно мора да има стопроцентна мерливост на нештата.

-Тоа ретко се случува. Обично се земаат одредена група на луѓе коишто даваат податоци, чии мислења се земаат како такви и тука може да се расипе или корумпира тој процес на вадење на информации во одреден сегмент. Транспаренси како организација една од водечките за борба против корупција има повеќе механизми на собирање на информации и излегува со повеќе информации во јавноста коишто се добро покриени од страна на медиумите и побудуваат навистина интерес кога е во прашање борбата против корупцијата, рече Пандовски.

Посочи дека често корупцијата не се гони од страна на целиот синџир институции надлежни за тоа. нд/лв/

Фото: МИА; НКЕУ-МК

 

 

Остани поврзан