• четврток, 12 декември 2024

Дебата за реформи на безбедносниот систем, најавени активности за јакнење на кадровскиот и институционалниот капацитет

Дебата за реформи на безбедносниот систем, најавени активности за јакнење на кадровскиот и институционалниот капацитет

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Плановите за продуцирање нов кадар во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи, потребата од нормативно-правно доуредување на системот за национална безбедност, состојбите и кадровските потенцијали на Агенцијата за национална безбедност  и укажувања за нејзина со Агенцијата за разузнавање со почитување на принципите на професионализација и департизација, беа изнесени на дебатата за реформи на безбедносниот систем во државава, што се одржа денеска на Факултетот за безбедност во Скопје.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека во наредниот период ги очекува многу работа за реформи на безбедносниот сектор.

- Мислам дека воведувањето средно полициско училиште за почеток со две години, трета и четврта година, во рамки на една специјализирана дејност што би ја извршувале овде, треба да е една од темелните реформи, темелните чекори, основен пилот на Министерството за внатрешни работи и тоа го работиме. Работиме интензивно на законско решение што ќе овозможи трета и четврта година од средното школо, нашите млади луѓе да ја поминат во рамки на Центарот за обука и го вратиме она средно училиште што сме го имале на времето на здрав темел и притоа, не со курс од шест, девет месеци, туку уште многу порано, на 16 години отприлика да речеме, да ги вградиме во срцето на младите луѓе, желбата и љубовта кон татковината и професионализмот во рамки на нивнотоп идно функционирање во Министерството за внатрешни работи, посочи Тошковски.

Тој истакна дека Центарот моментално е едно мало градилиште. Интензивно се работело на реновирање на Центарот - санација на простории, сала клучна за образованието на децата, базен, се граделе нови простории, се реновирале тоалети.

- Овој центар, се надевам дека ќе стане, не само центар за средно полициско училиште во Македонија, туку и регионален центар што ќе овозможи континуирана обука, не само на нашите полициски службеници, туку и на сите останати полициски службеници ширум Балкан, ширум Европа, па и пошироко. Ги имаме капацитетите, ќе ги надградиме, ќе ги прошириме и се надевам дека ќе можеме да одговориме соодветно на овој предизвик, нагласи Тошковски.

Интензивно се работело и на дигитализацијата, а круцијален фокус од страна на МВР, било и воспоставувањето систем за безбеден град што во иднина ќе биде имплементиран во дел на безбедна држава.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски се осврна на работите што ги согледал во изминатите неполни два месеца по негово назначување за директор на Агенцијата.

- Службата од технички аспект е во многу полоша состојба отколку што беше пред пет години. Тоа го тврдам бидејќи бев дел од Агенцијата во тој период, рече Христовски.

Во однос на кадровите потенцијали на Агенцијата, според него, таа е „преполовена во однос на бројот и во однос на квалитетот на луѓе кои работат таму“.

Тој рече дека се во фаза на длабока анализа на тоа што се случува во Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.

Според Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност при Филозофскиот факултет од Скопје, има потреба и од уставно-законско и нормативно-правно доуредување на системот за национална безбедност како најповикан систем за одговор кон сите видови и извори на загрозување на територијалниот интегритет, сувереноста, уставниот поредок, живототи и имотите на граѓаните, материјалните добра, културното благо, историското наследство на државата и слично.

- Потребна е интеграција на АНБ и АР со почитување на принципите на професионализација, департизација, зајакната граѓанска контрола, субординација и координација. Доследно почитување на препораките на Прибе. Инклузивен процес со вклученост на академска заедница, експерти, опозиција. Директорот на новата агенција да се избира во Собранието да се размисли како модел. Да се воведе принципот на двоен потпис претседател-премиер, смета Ѓуровски. бд/лв/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан