Дебата за поттикнување на родовата еднаквост и позиционирање на жените во градежната индустрија
- Панелистите зборуваа за важноста од зајакнување на позициите на жените во општеството и промовирање на родовата еднаквост и поттикнување на жените да се приклучат на инженерската и градежна професија.

Гостивар, 8 март 2025 (МИА) – Во кампот на градежниот конзорциум „Бехтел Енка“ близу Гостивар се одржа панел-дискусија под мотото „Забрзување на акцијата: поттикнување промена во родовата еднаквост – Жени во градежништвото: можности и предизвици“ (#AccelerateAction: Driving Change for Gender Equality – Women in Construction: Opportunities and Challenges).
Покрај вработените, учествуваа и заменичките министерки за транспорт и врски Калтрина Зеколи Шаќири и за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска и асистентакта од Градежниот факултет д-р Марија Доцевска.
Панелистите зборуваа за важноста од зајакнување на позициите на жените во општеството и промовирање на родовата еднаквост и поттикнување на жените да се приклучат на инженерската и градежна професија.
- Жените сè уште се борат да го заземат вистинското место во оваа „машка“ индустрија и се надевам со нашето учество и пораките ќе ги поттикнеме жените градежници тоа и го постигнат, рече заменик министерката Лашкоска.
Заменик министерката за транспорт и врски Зеколи Шаќири посочи дека денес било убава можност и повод да се зборува за родовата еднаквост и дека е неопходно да се поттикнат жените за нивно поголемо вклучување во сите пори на општеството, па така и во градежништвото.
- Денес сум во улога на мајка, универзитетска професорка, заменик министер за транспорт, но и активистка за правата на жените. Знаеме дека патот на жените е подолг, особено во овие професии во доминираат мажи. Затоа сме денес овде, покрај дискусијата, да сензибилизираме и зајакнати да ја спроведеме мисијата. Да им понудиме на жените порамноправна позиција во нашето општество, рече Зеколи Шаќири.
Во проектот за изградбата на коридорите 8 и 10д преку конзорциумот „Бехтел Енка“ вклучени се 90 жени, а од петте работни едници, три ги раководат жени, овие податоци ги кажа проект менаџерот Џошуа Т. Бејкер. Според менаџерот на проектот на најголемото градилиште во земјава, ангажирани е околу 1.600 луѓе од кои 90 се жени кои работат на широк спектар различни работни позиции, рече Бејкер и нагласи дека вложуваат напори да се зголеми процентот на вклученоста на жените.
Панел дискусијата „Можности и предизвици за жените во градежништвото со акцент на создавањето промени во родовата еднаквост ја организираше „Бехтел Енка“ по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март.згм/лв/
фото:МИА