Дебар и Пешкопеја заедно ќе го развиваат туризмот преку проектот „Откриј го Дебар“
- Дебар и општина Пешкопеја во соседна Албанија, во напорите за развој на туризмот, за што и на двете страни од границата има одлични услови, добија проект од Американската агенција за меѓународен развој - УСАИД, во рамки на меѓуграничната соработка.
Дебар, 15 септември 2023 (МИА) – Дебар и општина Пешкопеја во соседна Албанија, во напорите за развој на туризмот, за што и на двете страни од границата има одлични услови, добија проект од Американската агенција за меѓународен развој - УСАИД, во рамки на меѓуграничната соработка.
Проектот „Откриј го Дебар“ (за Пешкопеја на албански се користи и името Дебар- Dibër), беше презентиран во просториите на Општина Дебар од страна на претставници од двете општини, кои оценија дека двете општини во најдобар начин треба да го искористат овој многу значаен проект.
Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, информирајќи за проектот, рече дека се планирани повеќе активности.
Според него, првата активност е со приспособување на двете патеки поврзани со искачувањето на планината Дешат, како и на делот Лура, на професионален начин со поставување знаци и мапи.
-Втората активност е поврзана со изградба на дигитална платформа со која ќе се промовираат сите точки и наследства од регионот на двете општини како единствена дестинација. Станува збор за три туристички пакети во прекуграничниот регион подготвени и промовирани врз основа на соработка и вмрежување меѓу туристичките претпријатија и акционерите. Во рамките на овој проект ќе има и обука за најдобрите практики за развој на туризмот, додаде Дука.
Проектот го презентираа претставникот на локалната самоуправа во Дебар, Едмонд Марку, и Блерон Сефери, додека од страна на општина Пешкопеја, заменик-градоначалникот на општината Ружди Деде и Ардит Враниќи од секторот за реализација на проекти.
На средбата, меѓу другото, беше истакнато дека прекуграничната соработка помеѓу општина Дебар и општина Пешкопеја е многу неопходна и ефектите во областа на туризмот можат да бидат многу големи.
-Ова е многу значаен и очекуван проект од двете страни на границата, бидејќи досега немаше ефикасни проекти во областа на туризмот. Од двете страни на границата има многу голем туристички потенцијал кој треба да се развие. Досега имаше неколку проекти на граѓански здруженија, но ефектите не беа големи. Очекувањата од овој проект се позитивни и двете делегации веруваат дека ефикасноста на проектот ќе се почувствува многу брзо, посочи Дука.
Проектот е финансиран од УСАИД преку програмата за економски развој, управување и активност за раст на претпријатијата (EDGE) и ќе заврши во мај 2024 година. вт/хс/