• сабота, 23 ноември 2024

Двајца обвинети за пожарот во тетовската модуларна болница опоменати од Судот да си најдат адвокати

Двајца обвинети за пожарот во тетовската модуларна болница опоменати од Судот да си најдат адвокати

Тетово, 14 октомври 2022 (МИА) - Причина за денешното второ одложување на почетокот на судењето за пожарот во модуларната болница беше тоа што двајца од тројцата обвинети немаа адвокати, за што добија и опомена од Судот.  На судењето иако дојдоа тројцата обвинети, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, како и докторот Бобан Вучески, рочиштето се одложи за 8 ноември во 10 часот. Причината беше тоа што Вучески и Етеми не ангажирале адвокат - бранител.

Судијата Јордан Велковски во записникот наведе дека двајцата обвинети Вучески и Етеми се опоменуваат и ако не донесат адвокат за наредното рочиште, ќе добијат адвокат по службена должност. Исто така судијата им рече на обвинетите во рок од осум работни денови да достават полномоштво до Судот за адвокати - бранители во процесот.

Откако беше презакажано судењето на излегување од Судот во изјава за медиумите директорот Фљорин Бесими го повтори ставот дека со докази ќе ја докаже невиноста.

-Го кажав еднаш, го повторувам. Ве замолам да го продолжите да го покривате овој судски процес. Воедно сум убеден дека со доказите што ги имаме ќе ја потврдам мојата невиност во врска со овој трагичен настан. Со доказите кои се неспорни, кои ќе бидат доставени во текот на судскиот процес се надевам дека овој процес брзо ќе се заврши. Се што имаме да кажеме ќе го кажеме во Судот, изјави Бесими.

Пожарот во модуларната ковид болница се случи на 8 септември минатата година. Во огнената стихија која за неколку минути до темел го изгоре објектот, животот го загубија 14 луѓе, а повеќе пациенти беа тешко повредени . До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово.

Со тој предлог ОЈО Тетово ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет,  електроинжинер  и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.

Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата. ас/дма/

Остани поврзан