• вторник, 24 декември 2024

Да се искористи скрининг-процесот и земјава да се фокусира на реформите

Да се искористи скрининг-процесот и земјава да се фокусира на реформите
Скопје, 23 септември 2022 (МИА) - Денеска во Брисел продолжува објаснувачкиот состанок за Поглавје 24, Правда, слобода и безбедност, на којшто Европската комисија ќе го презентира новиот корпус на ЕУ acquis донесено во периодот по 2018-2019 година. Следната недела продолжуваат состаноците за поглавје 23 „Правосудство и темелни права“. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји упати порака дека сега е најважно сите во Северна Македонија да застанат зад европската иднина на земјата и да помогнат во процесот на преговори. Вархеји на средбата вчера во Брисел со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ  разговарале за процесот на скрининг на земјава со ЕУ, како и следните активности во процесот на преговорите за членство и актуелната политичка ситуација во Северна Македонија. – Во вистински и клучен момент ја потврдивме европската перспектива на Северна Македонија. Сега е најважно да сме фокусирани на реформите и да останеме на европскиот пат. Тоа е наша обврска и задача која им ја должиме на граѓаните, да обезбедиме просперитет и напредок на земјата, рече Маричиќ на состанокот. Како што соопшти СЕП, Маричиќ, кој воедно е и главен преговарач на земјава со Унијата, го брифираше еврокомесарот за проширување Вархеји за скрининг-состаноците и за подготовките за билатералниот скрининг, како и за посветеноста и мотивацијата која ја имаат институциите на земјава за процесот. Еврокомесарот Вархеји на Маричиќ му посака успешен скрининг и испрати порака да останеме силно посветени на европската реформска агенда, како и на градењето на добрососедски односи со Бугарија и напредокот во исполнувањето на обврските од страна на двете држави. Вархеји потенцираше дека сега е најважно сите во Северна Македонија да застанат зад европската иднина на земјата и да помогнат во процесот на преговори со Европската Унија, додавајќи дека тоа е процес кој е важен за иднината на државата и процес кој носи подобар живот за граѓаните. На состанокот беше разговарано за последните подготовки за потпишување на Договорот со Фронтекс, кој ќе биде потпишан кон средината на октомври, но и за економски теми, во пресрет на зимата која доаѓа и предизвиците со кои ќе се соочиме, предизвикани од енергетската и економската криза. Во таа насока Маричиќ и Вархеји разговараа и за Инвестицискиот план на ЕУ за Западниот Балкан и за забрзување во реализацијата на регионалните проекти, особено оние од инфраструктурата и енергетиката. Вчера во Скопје, пак, се одржа годишната меѓународна конференција „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“, на која беа упатени пораки дека земјава сега треба да го искористи скрининг процесот и да се посвети на внатрешните реформи. И покрај тоа што францускиот предлог не е избалансиран Северна Македонија треба да го искористи скрининг-процесот и да се фокусира на реформите кои се важни за граѓаните и ќе ја придвижат земјата напред, изјави Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс (Johns Hopkins School of Advanced International Studies) од САД. - Преспанскиот договор беше постигнат на фер основа бидејќи, иако Грција беше членка на НАТО и ЕУ, преговорите се водеа на еднаква основа и беше постигнат фер компромис со отстапки од Грција и од Северна Македонија. Францускиот предлог пак воопшто не ја засегна предноста на Бугарија и тој го одразува тоа. Тоа, е вели, исто така е грешка и на САД и на ЕУ, бидејќи создава лош преседан во Унијата. До граѓаните на земјата е да решат, дали тој го загрозува или не македонскиот идентитет. Но сакам да подвлечам дека е важно да се искористат предностите од скрининг процесот, без оглед на Бугарија. Тој не е во интерес на Бугарија, туку на граѓаните на оваа земја. Искористете го и направете максимум во реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и други важни реформи кои ќе ја придвижат земјата напред и ќе им покажат на граѓаните дека тоа е реално и е важно, вели Џозеф. Тој смета дека со оглед на тоа дека САД и ЕУ не успеаја да ја стават Бугарија на исто ниво со Северна Македонија, како што беше со Грција, и и овозможија да ја зачува нејзината предност, Северна Македонија треба да бара од САД, особено од Франција, но и од Германија, па и од Велика Британија афирмација на македонскиот идентитет, цврсто признавање на македонскиот народ, македонскиот јазик, па и на аспекти од македонската историја, и тие можат да го направат тоа. - Заканата од Бугарија е реална, а она што ви останува е да ја искористите предноста од скрининг процесот. Не се потребни уставни измени во моментов и треба да се фокусирате на реформите, кои се во интерес на земјава. Искористете ја и предноста од претседавањето со ОБСЕ. Тоа е огромна можност во историско време кога се случува војна меѓу Русија и Украина, која има импликации на целиот свет. Вашата земја ќе ја води организацијата, која е формирана за безбедноста на истокот и западот и тоа е огромна можност и привилегија за вашата земја да го демонстрира тоа лидерство во ваков клучен момент во историјата, потенцира американскиот професор. За уставните измени, тој укажува на изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека во моментов нема услови за тоа, но повтори, важно е што гласањето не треба да се случува денеска и дека земјата треба да се фокусира на реформите. И францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер вели дека земјава треба да се фокусира на реформите, особено во судствоо. Тој на потпишувањето на Меморандумот за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители со директорката на Академијата Наташа Габер Дамјановска, рече дека ова значи дека Франција искажува волја да ја поддржува Академијата и таа соработка оди во прилог на афирмација на правната држава, но исто така за постигнување независно судство, со што на тој начин Франција суштински придонесува во спроведувањето на целта што ја има Академијата. – Се наоѓаме во нов контекст бидејќи земјава ја почна фазата на отворање на преговорите за членство во ЕУ и бидејќи постои таа нова рамка, ќе кажам дека соработката меѓу вашата институција и нас е уште посуштинска, бидејќи темите со кои се занимава вашата институција ќе се најдат во сржта на преговорите со Унијата, рече францускиот амбасадор.  Земјава официјално го почна скрининг процесот за усогласеноста на македонското законодавство со тоа на ЕУ на 15-ти овој месец. Се очекува овој процес да заврши во ноември 2023 година. Вицепремиерот Маричиќ рече дека досега сме усогласени со 40 отсто од законодавството и во некои области сме на исто или на подобро ниво од државите кои веќе преговараат со години, како Србија и Црна Гора. нд/мд/

Остани поврзан