• сабота, 23 ноември 2024

Гутереш повика на глобални итни мерки за справување со климатската катастрофа

Гутереш повика на глобални итни мерки за справување со климатската катастрофа

Нукуалофа, 27 август 2024 (МИА) - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска упати повик за глобални итни мерки во врска со катастрофалната ситуација предизвикана од климатските промени. Повикот беше упатен за време на неговата посета на Тонга, каде што учествуваше на Форумот на пацифичките држави, пренесува ДПА.

Посетата на Гутереш се совпаѓа со објавувањето на новиот извештај на Светската метеоролошка организација (СМО), во кој се истакнува дека регионот е изложен на „тројна закана“ – зголемување на морското ниво, затоплување на океанот и зголемување на киселоста на океанските води.

- Ова е ненормална ситуација: зголемувањето на нивото на океаните е криза целосно создадена од човекот, криза која наскоро ќе достигне неизбежни граници, без спасителен чамец кој ќе нѐ врати на безбедно“, изјави Гутереш во Нукуалофа, главниот град на Тонга.

Во југозападниот дел на Тихиот Океан, каде што се наоѓаат Тонга и многу други островски држави, нивото на морето е зголемено над светскиот просек, а температурата на водата се зголемила трипати побрзо од светскиот просек од 1980 година, стои во извештајот на СМО. Дополнително, повисоката концентрација на јаглерод диоксид во океаните доведува до уништување на коралните гребени и нанесува штета на морскиот живот.

Гутереш ги опиша овие податоци како сигнал за итни мерки при катастрофа. - Светска катастрофа го загрозува овој пацифички рај, изјави тој. „Светското ниво на океаните се зголемува со невидена брзина. Океанот прелева, додаде тој. - Причината е јасна: стакленички гасови, во голема мера создадени од согорувањето на фосилни горива, истакна Гутереш.

Иако придонесуваат со само 0,02 отсто од светските емисии, пацифичките острови се особено изложени на последиците од климатските промени, бидејќи нивната просечна надморска височина е само еден до два метри. Околу 90 проценти од населението живее во радиус од 5 километри од брегот, а половина од инфраструктурата се наоѓа на не повеќе од 500 метри од морскиот брег, додаде Гутереш.

- Зголемувањето на морското ниво влијае на сите нас, штетејќи на риболовот, туризмот и сината економија. Во светски рамки, околу еден милијарда луѓе живеат во крајбрежни области кои се загрозени од зголеменото ниво на океаните, рече Гутереш, додавајќи дека иако зголемувањето на нивото на океаните е неизбежно, одлуките што ќе бидат донесени ќе го одредат обемот, брзината и големината на последиците од ова.

Гутереш ги повтори своите повици за драстично ограничување на емисиите на стакленички гасови и зголемување на инвестициите за приспособување кон климатските промени.ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан