• сабота, 23 ноември 2024

Гувернерката на форум на „Еуромани“: Високото ниво на девизни резерви овозможи НБ да одговори навремено и смело на пандемијата

Гувернерката на форум на „Еуромани“: Високото ниво на девизни резерви овозможи НБ да одговори навремено и смело на пандемијата

Скопје, 15 јануари 2021 (МИА)Високото ниво на девизните резерви акумулирани во периодот пред пандемијата ѝ овозможи на Народната банка да реагира навремено и смело преку намалување на основната каматна стапка, вбризгување на дополнителна ликвидност во системот и релаксирање на банкарската регулатива. Ова доведе до солидна кредитна поддршка на компаниите и домаќинствата, којашто впрочем и забрза во споредба со минатата година, како и натамошно намалување на каматните стапки до историски најниски нивоа.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на еден од водечките традиционални финансиски настани - Форумот на Централна и Источна Европа, организиран од „Еуромани“, на панел-сесијата на која учествуваа неколку гувернери од Централна и Југоисточна Европа (ЦИЕ).

Во овој контекст, како што соопшти Кабинетот на гувернерката, таа, исто така, истакна дека за водењето релаксирана монетарна политика придонесува и репо-линијата во вредност од 400 милиони евра, којашто на барање на Народната банка за првпат ја одобри Европската централна банка. Ваквиот инструмент е особено важен бидејќи овозможува брз пристап до девизна ликвидност, а во услови на висока неизвесност и на евентуални можни поголеми нарушувања на меѓународните пазари заради шокот од Ковид-19.

Ангеловска-Бежоска говореше и за улогата и мандатот на централните банки. Притоа истакна дека, врз основа на искуството од глобалната економска криза во меѓународни рамки, се преиспитуваат некои од традиционалните погледи во однос на целите, стратегиите и инструментите на централните банки. За ова придонесуваат и структурните промени во економиите коишто произлегуваат од пандемијата.

Она што, според неа, суштински се менува е однесувањето на домаќинствата и бизнисите, а воедно постои и потенцијално забавување на процесот на глобализација, како и забрзување на дигитализацијата на економиите. Сето тоа наметнува потреба од преоценување на врските во економијата и на трансмисискиот механизам на монетарната политика, заради соодветно приспособување на инструментите и на политиките.

На Форумот беа опфатени и други прашања важни за економиите на ЦИЕ, со посебно внимание на влијанието на пандемијата врз иднината на овие економии. На настанот редовно присуствуваат голем број учесници: гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори, кои разговараат за главните предизвици на носителите на политиките и економиите во Централна и Источна Европа, а оваа година со посебен осврт на предизвиците коишто произлегуваат од пандемијата.

Со оглед на големиот број учесници, овој традиционален форум организиран од „Еуромани“ се смета за редок настан од овој тип на којшто водечките експерти од финансиските пазари и носителите на политиките имаат можност да дебатираат и да ја анализираат економската иднина на регионот од ЦИЕ. За време на Форумот на ЦИЕ, гувернерката, Анита Ангеловска-Бежовска, придружувана од останатите членови на Народната банка, одржа виртуелен состанок со претставници од другите водечки финансиски институции. нд/сп/

Остани поврзан