• сабота, 16 ноември 2024

Грчките весници со анализи во пресрет на изборите кај нас

Грчките весници со анализи во пресрет на изборите кај нас
Атина, 12 јули 2020 (МИА) - На темите што преовладуваат во изборната кампања, на улогата на албанскиот фактор во постизборните калкулации за формирање влада, но и на Договорот од Преспа, го ставаат акцентот грчките весници „Катимерини“и „Ефимерида тон синдактон“ во текстовите посветени на изборите кај нас, додека пак „То вима“ го пренесува ставот на професорот  од солунскиот Универзитет „Македониа“ и шеф на програмата за Југоисточна Европа во „ЕЛИАМЕП“, Јанис Армаколас, јави дописничката на МИА од Атина. -На изборите, први што се одржуваат по Договорот од Преспа, по Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, по членството на Северна Македонија во НАТО и по позитивната одлука на ЕУ за почеток на преговори со Европската унија, ќе се избере влада која ќе управува со последиците врз економијата и општеството од кризата со короанвирусот , но и преговорите со Брисел за европскиот тек на земјата, пишува новинарот од „Ефимерида тон синдактон“ во викенд изданието на весникот . -Следната среда граѓаните на Северна Македонија во период на влошување на епидемиолошката слика на земјата, ќе излезат на гласање за да изберат ново Собрание кое ќе ја одбере Владата, пишува новинарот од „Катимерини“ на почетокот од текстот посветен на изборите кај нас. Искусните новинари во нивните анализи коментираат дека постои индиферентност од општеството за претстојните избори. „Катимерини“ пишува дека и коронавирусот ќе има „свој придонес“ во изборниот резултат, со оглед на зголемениот број заразени и додава дека „рамнодушноста на општеството и стравот од Ковид-19 создаваат услови за голема неизлезност во среда“. Додека пак викенд изданието на „Ефимерида тон синдактон“ пишува дека „е непознато како ќе реагираат гласачите, кои изгледаат веројатно рамнодушни кон овие избори“. Грчките весници, во анализите го споменуваат и Договорот од Преспа, односно дали и колку изборите би влијаеле врз решението со Грција. -Ќе зависи ли судбината на Договорот од Преспа од изборите во среда? Динамичен негов пресврт не се регистрира во општеството и гласачкото тело, ниту опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ - која во Собранието има изјавено дека ќе го поништи, не го споменува толку често, пишува „Катимерини“. -Иако Договорот од Преспа не доминираше во предизборната кампања, изборот на ВМРО-ДПМНЕ би влијаел врз темпото на спроведувањето на договорот, кој сепак е поврзан со процесот на интегрирањето на земјата во ЕУ, перспектива, која ниту една партијата во соседната земја не сака да ја загрози или стави во прашање, пишува „Ефимерида тон синдактон“, пренесе МИА. Професорот од солунскиот Универзитет „Македониа“ и шеф на програмата за Југоисточна Европа во „ЕЛИАМЕП“, Јанис Армаколас, во неговата колумна за „То Вима“ пишува дека „СДСМ на Зоран Заев силно го поддржа спроведувањето на Договорот од Преспа, додека пак националистичката ВМРО-ДПМНЕ, која не го користи новото име на земјата, се изјасни дека – очигледно на некој магичен начин- нема да го поништи договорот, а истовремено нема да биде обврзана од новото име и останатите одредби“. Армаколас додава дека за Грција ќе биде особено интересен периодот по изборите „или поради тешкотиите за формирање влада, а или особено доколку победи ВМРО-ДПМНЕ“. -Грција инсистира на спроведување, без отстапки на Договорот од Преспа. Влада на ВМРО-ДПМНЕ би ја отежнала оваа намера. Особено во врска со целокупната употреба на новото име Северна Македонија, кое со сите свои сили го промовира Зоран Заев, но ВМРО –ДПМНЕ го негира, пишува професорот и додава дека е јасно дека „и за Грција и за европската политика поволна е силна влада на Заев“. Искусните новинари од „Катимерини“ и „Ефимерида тон синдактон“, како и професорот Армаколас ги споменуваат и резултатите од објавените истражувања на јавното мислење, а ги  анализираат и позициите на партиите во однос на можните постизборни соработки и коалиции. Професорот коментира дека веројатно е двете партии повторно да бидат блиску, „на границата на 50 пратенички места“, а „Ефимерида тон синдактон“, пишува дека според анкетите „и двете коалиции ќе бидат победници“. -Дури и да победи ВМРО-ДПМНЕ на изборите во среда, не значи дека ќе формира влада. Дали ќе биде прва партија или по бројот на гласови ќе биде прва партијата на Заев, албанскиот фактор е оној кој ќе одлучи кој ќе го преземе раководството во земјата, пишува „Катимерини“, објави МИА. ср/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан