• сабота, 28 декември 2024

Грција втора во светот по „сини знамиња“, наградени над 500 плажи

Грција втора во светот по „сини знамиња“, наградени над 500 плажи
Атина, 19 мај 2021 (МИА) – „Сините знамиња“ знак на одличен квалитет, оваа година ќе се веат на 545 грчки плажи и 16 марини кои беа наградени за квалитетот на водата за пливање, заштитата на животната средина, организацијата и безбедноста на посетителите и ја задржаа Грција на втората позиција меѓу 49 земји од целиот свет, јави дописничката на МИА од Атина. За разлика од лани, сега на листата се додадени уште 48 плажи, уште две марини, а наградата ја добија и шест туристички јахти. Грција, меѓу 49-те земји што учествувале во програмата, има 13,5 отсто од наградените плажи, а повторно најмногу сини знамиња има Халкидики, вкупно 96. Во програмата право на учество имаат организирани плажи, марини и јахти, а за да се добие наградата потребно е да се исполнат 33 строги критериуми што се однесуваат на квалитетот на водата, безбедноста на посетителите, квалитетот на услуги, заштита на животната средина итн. Признанијата за грчките плажи доаѓаат само неколку дена по официјалното отворање на туристичката сезона во Грција, но само за ограничен број земји, нешто што се очекува во иднина да се промени и постепено, да се зголемува листата. „Сините знамиња“, во пресрет на летната сезона, ѝ се „придружуваат“ и „Сината слобода“, како што е насловена операцијата на грчката Влада за имунизација на грчките острови. Целта е сите полнолетни жители на сите грчки острови, со исклучок на Крит, да бидат вакцинирани до крајот на јуни. Имунизацијата е веќе завршена на 40 помали острови, а во текот на следните седмици ќе заврши и на 29 други острови. Паралелно, со Кос, започна вакцинацијата на останатите 19, поголеми острови, а на десет од нив 100 проценти се исполнети термините што им биле на располагање на жителите. Вакцинацијата ќе да биде исклучиво со вакцината на Џонсон и Џонсон, која е само една доза, а според медиумите во Грција, оваа вакцина повеќе не е достапна за граѓаните од континенталниот дел од земјата. Преку операцијата „Сина слобода“, се очекува во текот на летото сите грчки острови да бидат „covid free“, иако министерот за туризам Харис Теохарис, говорејќи од Парламентот минатиот месец рече дека земјата не треба да се дели на „covid free“ и „non covid free“, истакнувајќи дека целата земја е безбедна. Пример за ова е островот Калимнос, каде што поради зголемениот број случај, продолжен е до понеделник строгиот и целосен карантин, воведен на 5 мај. Очекувањата се дека оваа година туристичката сезона во Грција ќе биде подобра од лани, а целиот владин план се базира на „пет зони на одбрана“, односно протокол за влез во земјата, систем за спроведување рапид тестови по случаен избор, хотели-карантин на 35 места во земјата, спроведување нови туристички протоколи и забрзување на процесот на имунизација во земјата. Ставот во Грција е дека ова лето, за разлика од ланското, управувањето со пандемијата ќе биде полесно со оглед на тоа дека на располагање се повеќе алатки како што се селф тестовите, рапид тестовите и најважното – вакцините. Протоколите за работата на хотелите се речиси идентични како лани, а секако постојат и хотели карантини за изолација на евентуалните позитивни случаи. Летово, исто како и лани, ќе се користи алгоритамот за тестирања согласно податоците внесени во специјалниот PLF формулар, преку кој ќе се прави селекција на туристите. Заменик – министерот под премиерот задолжен за координација на работата на Владата Акис Скерцос минатата седмица, презентирајќи го планот за постепено олабавување на мерките, во делот за туризмот објасни дека тестирањата нема да бидат случајни, туку наменски за откривање на патници со висок ризик, врз основа на полот, возраста, земјата и географскиот регион. Со помош на истиот систем и алгоритам, лани, во периодот од 1 јули до 30 ноември од пет милиони пристигнувања во Грција, биле тестирани 698.590 посетители и потврдени 2.697 позитивни случаи. Сања Ристовска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан