• вторник, 24 декември 2024

Грушко: Проширувањето на НАТО носи ризици неприфатливи за Русија

Грушко: Проширувањето на НАТО носи ризици неприфатливи за Русија
Москва, 12 јануари 2022 (МИА) - НАТО треба да ја прифати улогата на Русија како земја која гарантира мир во евроатлантската област доколку Алијансата навистина сака соработка. Процесот на проширување на Северноатлантската алијанса со себе носи неприфатливи ризици на кои Москва ќе се спротивстави, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко по состанокот на Советот НАТО-Русија.

Тој рече дека вториот фактор „кој сериозно влијае на влошената безбедносна ситуација во Европа е процесот на проширување на Алијансата“.

„Многу земји се приклучија на НАТО денес, а нивните територии очигледно се користат за проектирање сила во правец на Русија од различни географски земји и на стратешки длабочини. Ова сериозно ја загрози нашата безбедност и создаде неприфатливи ризици за неа, на кои ќе се спротивставиме“, нагласи Грушко.

За време на разговорите Русија директно му укажа на НАТО какви би биле можните последици за европската безбедност во случај на дополнително влошување на ситуацијата. „Многу искрено, без заобиколување и без какви било политички коректни формулации изјавивме дека дополнително заострување на ситуацијата може да доведе до најнепредвидливи и тешки последици за европската безбедност“, додаде тој. Според Грушко, состанокот на Советот НАТО-Русија бил посветен на анализа на сите фактори кои влијаат на влошувањето на европската безбедност, а руската страна го презентирала своето гледиште по ова прашање. Според заменик-министерот, НАТО треба да и обезбеди на Русија правни гаранции за нејзино неширење на исток.

Русија очекува да излезе од кризата во односите со НАТО врз основа на рамнотежа на интереси. Во таа смисла, рускиот заменик министер не ја исклучи можноста Русија повторно да ја воспостави дипломатската мисија во НАТО доколку Алијансата го промени пристапот кон напорите за обезбедување заедничка безбедност. паг/

Остани поврзан