• недела, 22 декември 2024

Груби: Со или без законските измени автопатите ќе се градат, наш интерес е да се гради побрзо и поевтино

Груби: Со или без законските измени автопатите ќе се градат, наш интерес е да се гради побрзо и поевтино

Скопје, 12 април 2023 (МИА) - Со или без законските измени на осумте закони што се во собраниска процедура, автопатите на коридорите 8 и 10д ќе се градат, а наш интерес е да се гради побрзо и поевтино, порача денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој воедно е и координатор за изградба на овие автопатски делници.

Доколку работната недела на работниците што ќе работат на нивната изведба биде 60 часа неделно, како што бара изведувачот „Бехтел и Енка“, додаде Груби, проектот ќе се реализира за 4,7 години и ќе чини поевтино, а доколку е 40 часа неделно ќе трае над 6 години и ќе чини поскапо. Не се работи, како што истакна Груби, за плаќање пенали доколку работното време не биде 60 часа, туку за побавна реализација на проектот.

Според него, секаде каде што работеле „Бехтел и Енка“ работната недела била 60 часа, а работниците потпишувале пишана согласност да работат толку време и им бил платен секој работен час. 

- Наш интерес како држава е овие автопати да чинат помалку и да се реализираат побрзо. Токму од носењето на осумте закони зависи дали ќе се градат побрзо и поевтино или подолго и поскапо. Со нивното носење ќе се овозможи да се забрза експропријацијата и да се гради многу побрзо и поевтино, рече Груби на денешната средба со новинарите.

Тој прецизира дека договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ е класифициран на барање на конзорциумот и затоа не смеат да се објавуваат деталите. На истиот начин работеле и при изградбата на автопатите во регионот поточно во Хрватска, Србија, Косово и Албанија. Кај нас, како што рече Груби, договорот со „Бехтел и Енка“ веќе го има и Јавното обвинителство, кое отвори постапка по допрен глас за проектот за изградба на коридорите 8 и 10 д.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, договорот е класифициран бидејќи е деловна тајна начинот на работа на конзорциумот, кој котира на берзите и со евентуално објавување на делови од договорот може да се влијае на неговото котирање на берзата. Тој додаде дека такви договори земјава имала потпишано и за речиси сите инвестиции во ТИРЗ.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми посочи дека слични договори кои не се јавни имаат и со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и оти изборот на изведувачите се прави врз основа на критериумите на ЕБОР.

Пресметката дека проектот ќе чини 1,3 милијарди евра е направена врз основа на предложената траса од „Бехтел и Енка“ на која се предвидува да се градат автопатите за која е направена физибилити студија од „Грант Тортон“, која покажува дека 55 проценти од земјиштето на трасата е во приватна сопственост, а 45 во државна. Согласно тоа и просечната цена, е проценето колку пари ќе требаат за експропријација.

Изведувачот „Бехтел и Енка“ ќе изготвува проекти на дел по дел од автопатите, а паралелно ќе се врши и експропријација на земјиштето. Секој посебен проект мора да го одобрат ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт и врски. Проектот ќе се одобрува откако ќе заврши експропријацијата.

Доколку се донесат законските решенија „Бехтел и Енка“ предвидуваат да градат по 23 километри автопат годишно, а кај нас досега се граделе по 5,8 километри автопат годишно. За изведувачот се предвидени дополнителни плаќања, доколку не го запази рокот на градба. На коридорот 8 прво ќе стартува изградбата на автопатот Тетово - Гостивар, а потоа на Гостивар - Букојчани и делот од автопатот Кичево - Охрид, што ќе води кон новиот граничен премин со Албанија кај Радолишта, наместо до Ќафасан каде што е сега.

Како што истакна вицепремиерот Груби, манифестацијата со која беше означен почетокот на реализација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10 д на наплатната рампа на автопатот Тетово-Гостивар, ја платил изведувачот на проектот. За 22 април тој го најави официјалниот почеток на изградба на коридорот 8, а за 12 мај на коридорот 10д. вј/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан