• сабота, 23 ноември 2024

Грозданова: Ризикот за појава на морбили е исклучително висок со намалување на опфатот на имунизација

Грозданова: Ризикот за појава на морбили е исклучително висок со намалување на опфатот на имунизација

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) - Редовната вакцинација е многу важна за спречувањето на епидемии и спасување на човечки животи, беше кажано на денешниот брифинг на тема „Редовна вакцинација на децата - факти и дезинформации", во организација на Министерството за здравство.

Александра Грозданова, национален координатор за имунизација, потсети дека во нашата земја во 2018 година се појави првиот случај на морбили, во 2019 година во февруари беше прогласена епидемија со морбили, при недоволен опфат на вакцинирани деца. Во тој период морале да се преземат  активности за интензивно вакцинирање на сите оние деца кои не беа вакцинирани. Во следните шест биле дадени 41 илјада и шестотини вакцини на деца до 14 години. На најголем дел од родителите, грижата околу вакцината им била поради страв од аутизам. Но, до денеска, не било констатирано такво нешто. Тоа, нагласи, е потврда дека вакцината е навистина безбедна. Благодарение на вакцинацијата, рече, во овој период не се појавени нови епидемии со морбили.

- Исклучително е битно на родителите да им се објаснува дека таа вакцина се дава со децении наназад, подвлече таа, нагласувајќи дека вакцината е правилна одлука за да се заштитат децата од болеста.

На новинарско прашање околу тоа дали постои опасност од мал процент на вакцинираноста, особено во некои места,  таа нагласи дека искрено, загрижуваат податоците околу вакцинираноста.

- Во 2022 и 2023 веќе има зголемување на падот на вакцинираноста. Се надевам дека апелите ќе стигнат до родителите. Бидејќи во моментот кога ќе се намали опфатот, ризикот за појава на морбили е исклучително висок, рече Грозданова.

Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, потврди дека процентот на вакцинирани со неколку вакцини задилжителни за деца е со мал опфат во Куманово, но 60 проценти е вакцинацијата со ХПВ вакцината, што пак во Скопје е само 13 проценти.

- Во основа треба да се работи на детекција на проблемите што се јавуваат, во редовна комуникација помеѓу здравствените работници и помеѓу  родителите, додаде тој, нагласувајќи дека е многу важно да се пренесува пораката за тоа колку се важни вакцините.

Тој подвлече дека единствено бројка од 95 проценти вакцинираност гарантира дека при појава на случаи на морбили, ќе нема епидемија.

На значењето на вакцините се осврна и Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ, нагласувајќи дека редовната имунизација  е многу важна тема. Таа нагласи дека новите генерации ги имаат бенефитите, кога претходните редовно се вакцинирале и се искорениле болести што можат да доведат до смрт. Порача дека редовната вакцинација да продолжи и понатаму.

Бојан Кордалов, виш комуникациски специјалист, се осврна на тоа колку е важно да се спречат лажните вести и ненаучните информации околу вакцинацијата, затоа што предизвикуваат страв и низок опфат со вакцинирање. Важно е правилното информирање, со цел да не се загрози сопственото и здравјето на другите.

Со помал опфат на вакцинираноста беа споменати делови од Скопје и Струмица, додека во Кочани, со одредени вакцини, опфатот бил и над 95 проценти. Беше кажано дека треба да се следи примерот и искуството на општините што имаат поголем процент на вакцинираност. бд/лв/
Фото: МИА

 

Остани поврзан