• вторник, 24 декември 2024

Грковска: Сајбер безбедноста во администрацијата е клучна за заштита на граѓаните и за јакнење на довербата во институциите

Грковска: Сајбер безбедноста во администрацијата е клучна за заштита на граѓаните и за јакнење на довербата во институциите

Скопје, 17 март 2023 (МИА) - Паралелно со дигиталната трансформација на општеството, сајбер безбедноста треба да биде третирана како највисок приоритет. Во спротивно, изложеноста на ризици ќе го надмине бенефитот кој го добиваме со дигитализацијата, што е ситуација која мора да ја избегнеме по секоја цена, затоа што би имала несогледливи импликации за севкупниот развој, истакна заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска на меѓународната конференција „Сајбер интегритет во јавната администрација“.

Во своето воведно обраќање, вицепремиерката Грковска се осврна на можностите кои ги дава дигитализацијата за подобрување на пристапот до услуги за граѓаните, што е една од стратешките цели на Владата и е во основите на доброто владеење. Во таа насока, според неа, клучно е градењето отпорност на сајбер напади, заради заштита на податоците на граѓаните и за зголемување на нивната доверба во институциите.

Во однос на механизмите што ги создава Владата за подобрување на знаењата, вештините и информациите со кои се јакне сајбер интегритетот на административниот
кадар, вицепремиерката Грковска се осврна на сетот мерки за зголемување на безбедноста на информациските системи кои минатиот месец беа донесени од страна на Владата.

Како што соопшти владината прес-служба, во рамки на споменатите мерки, Владата ги задолжи сите институции да им наложат на сите вработени задолжително да се регистрираат и да завршат една од онлајн обуките на Националниот центар за справување со компјутерски инциденти.

Додека во однос на понатамошното јакнење на капацитетите на државата за справување со овој вид ризици, Грковска информираше дека од ноември минатата година Северна Македонија стана членка на Глобалниот форум за сајбер експертиза (GFCE – Global Forum on Cyber Expertise) во кој членуваат и соработуваат владите на најразвиените земји во светот.

- Во рамките на GFCE Владата ќе работи на четири теми: политики и стратегии, менаџмент на инциденти и заштита на инфраструктурата од сајбер напади, сајбер криминал, сајбер култура и градење на капацитети, истакна таа, додавајќи дека покрај сето ова, клучно е да се постигне повисока свест за значењето на сајбер безбедноста и улогата која ја има секој од нас во нејзиното унапредување.

Конференцијата посветена на справувањето со заканите за сајбер безбедноста во јавната администрација е организирана од ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување, со поддршка на Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој при Обединетото Кралство и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, а во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата. сх/са/

Фото: Влада

Остани поврзан