• сабота, 23 ноември 2024

Грковска: Национален совет за дигитална трансформација на општеството за системски и усогласен пристап на процесот

Грковска: Национален совет за дигитална трансформација на општеството за системски и усогласен пристап на процесот
Скопје, 13 септември 2022 (МИА) - На предлог на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, Владата на денешната 82-ра седница донесе одлука за основање на Национален совет за дигитална трансформација на општеството.
Како што соопштија од владината прес-служба, со Советот ќе претседава вицепремиерката за политики за добро владеење, а како членови ќе бидат вклучени министрите за информатичко општество и администрација, за внатрешни работи, за финансии и за одбрана, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, како и претставници од Собранието, бизнис секторот, банкарскиот сектор и од локалната самоуправа.
-Целта на формирањето на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството е планирање, координирање и реализација на активностите потребни за дигитализација на процесите како и ефикасно справување со предизвиците што таа ги носи. Советот, меѓу другото, во својот делокруг на работа ќе планира и предлага иницијативи и оперативни планови за дигитална трансформација на општеството, ќе учествува во изготвување на предлог-план за оптимизација на внатрешните процеси, ќе дава предлог мислења, совети за редизајнирање на административните постапки, поедноставување на електронски услуги кон граѓаните и бизнис услугите, ќе воспоставува рамка за стандардизација на државните системи, ќе учествува во градење на капацитети за заштита на државните системи итн, наведуваат од прес-службата на Владата.
Дигиталната трансформација на општеството е еден од стратешките приоритети на Владата, која ја препознава потребата од дигитализацијата како предуслов за брз економски напредок и развој, што во исто време е и потреба и на бизнис секторот. Дигитализацијата е неопходна за брз економски раст и напредок на секоја компанија, процесот подразбира употреба на дигиталната технологија за промена на бизнис-моделите и зголемување на конкурентноста на пазарот, стои во соопштението. вг/бак/

Остани поврзан