• сабота, 23 ноември 2024

Грковска: Напредокот во дигитализацијата не е воедначен кај институциите и општините, само со сеопфатен стратешки пристап ќе се обезбеди исполнување на целта

Грковска: Напредокот во дигитализацијата не е воедначен кај институциите и општините, само со сеопфатен стратешки пристап ќе се обезбеди исполнување на целта

Скопје, 10 мај 2023 (МИА) - Свесни сме дека напредокот на ова поле не е воедначен, некои институции се многу напред во користењето на новите технологии за да ја унапредат својата работа, за разлика од некои коишто се се уште на почеток. Токму затоа е важен е стратешки пристап во која сите делови од системот ќе се придвижат напред и ќе се модернизираат и само со сеопфатен пристап ќе се обезбеди исполнување на целта, граѓаните во сите делови на земјата да имаат придобивки од дигитализацијата, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во своето обраќање на денешната Конференција организирана од страна на УНДП на тема „Од хартија на пиксели: Дигитална трансформација на општините“ на која се дискутираа предизвиците поврзани со дигиталната трансформација на локалната самоуправа во државата.

Во таа насока, Грковска информираше дека Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со која таа претседава, неодамна го донесе концептот за дигитална трансформација на општеството, кој беше усвоен од Владата и за кој во овој момент се подготвува патоказ на активности со кој се дефинирани основните принципи кои треба да ја водат дигиталната трансформација во сите области на општеството.

- Имајќи ги предвид размерите на овие промени јасно е дека процесот не може да биде во рацете на еден чинител и дека тој мора да се одвива во соработка меѓу Владата, јавните институции, приватниот и граѓанскиот сектор, како и академската заедница. И уште појасно е дека континуираните инвестиции во инфраструктурата и во стручен кадар се основниот предуслов за да може да се реализираат сите овие планови, посочи Грковска.

Но, од друга страна, вицепремиерката се осврна и во ризиците на дигитализацијата коишто се поврзани со сајбер заштитата на користењето на дигиталните услуги.

- Безбедноста на нашите лични податоци и сајбер безбедноста во целина се прашања на коишто мора да им се даде висок приоритет во овој процес бидејќи ние имаме обврска да обезбедиме доверливост кај граѓаните дека можат со сигурност да ги користат дигиталните алатки и дека во тој процес нема да се загрозат личните податоци. Во спротивно може да се доведеме во ситуација во која придобивките од дигитализацијата не само што ќе бидат загрозени, туку ќе бидат помали од штетите кои можат да ги нанесат хибридните закани кои се дел од новата реалност во која живееме, подвлече таа.

Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов во своето обраќање рече дека jавниот сектор поспоро се прилагодува на промените затоа што тие се условени од внатрешната подготвеност и доволност на технички и човечки ресурси, но и од подготвеноста на граѓаните да ги прифатат новите услови и да ги користат новите дигитални алатки.

 - Сега сме во фаза кога ни е потребен посистемски приод и наместо општина по општина да го примениме пристапот услуга по услуга. На тој начин услугата е воедначена во сите општини, а трошоците за нејзино обезбедување можат да ги споделат сите општини преку набавка на заедничка опрема. Покрај ефикасноста, целта на дигитализацијата на услугите е да се намали просторот за корупција а да се зголеми таранспарентноста и отчетноста, рече тој.

Според Пенов здравствената криза низ која поминавме само ја потврди потребата од дигитализација на услугите. 

- Праксата покажа дека општините кои што се чекор понапред од другите, на овој начин обезбедија поголема наплата и на даноците и на сметките за комунални услуги. Во иднина овој начин на обезбедување на услугите треба да биде примарен, а шалтерот само алтернатива, истакна Пенов.

Додаде дека невоедначеностa на општините во однос на човечки, финансиски и технички ресурси, потребата од стандардизирање на обрасците и на процесите, укажува дека само преку системски приод, со координација на надлежните министерства, на Министерството за информатичко општество и администрација како надлежно, во тесна соработка со Министерството за локална самоуправа, со ЗЕЛС и со општините, може сериозно да се влезе во процес на дигитализација. 

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, рече дека дигитализацијата и сајбер безбедноста се едни од главните стратешки приоритети на Владата и дека неговото министерство активно работи во тоа поле.

Тој информираше дека Министерството за информатичко општество и администрација веќе има воспоставено ИКТ инфраструктура и дека има изградено напредни ИКТ системи коишто се во функција и дека тие се хоризонтални системи кои се на располагање на сите институции во државата без разлика дали се тие дел од централната или локалната власт.

Швајцарската амбасадорка, Вероник Улман, рече дека дигиталната трансформација на јавната администрација е приоритет на Владата поддржан од неколку меѓународни развојни партнери, додека промовирањето на дигиталната трансформација на општинско ниво е настанат како нов фокус на Министерството на локалната самоуправа и меѓународните партнери коишто ја унапредуваат локалната самоуправа и децентрализацијата.

Таа ги повтори ризиците кои претходно ги спомна вицепремиерката Грковска и дека тоа треба да се стави под контрола, односно дигиталната технологија треба да ги заштити човековите права, да ја поддржи демократијата. Според Улман, дигитализацијата не треба да ги зголеми социјалните ризици, ниту пак да внесе контрола врз општеството.

Постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григоријан, како последен говорник рече дека дигиталната трансформација не треба да се сфати само како трендовски процес, туку треба да се сфати како придонес за подобро, пооддржливо и поефикасно давање на јавни услуги за граѓаните.

Тој исто така ги сподели придонесите на УНДП во однос на дигиталната трансформација на општините и информираше дека УНДП работи на изготвување на македонски модел за општини за којшто истражувањата покажуваат дека постојат нормативни услови но потребно е да се воспостави доследно спроведување за да се достигне дигиталната трансформација на општинските услуги. сх/ац/

Фото: МИА/УНДП

Остани поврзан