• вторник, 24 декември 2024

Горан Прцуловски најдобар овоштар во Преспа

Горан Прцуловски најдобар овоштар во Преспа

Ресен, 29 септември 2024 (МИА) - Горан Прцуловски од село Царев Двор е избран за најдобар земјоделец овоштар во Преспа за 2024 година, а признанието му го врачи градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски.

Со одлука на локалната самоуправа, на неколкудневната манифестација „Преспански јаболкобер“ која заврши денеска, за најдобар млад овоштар е прогласен Урим Ислами од селото Крани, додека за најдобра жена овоштар, признание доби Флорета Павловска од преспанско Волкодери.

Традиционалниот „Преспански јаболкобер“ почна со штандовска презентација на производи од јаболко каде што учествуваа деца од детската градинка и ученици основните училишта од Општина Ресен.

На плоштадот „Цар Самоил" настап имаа и КУД „Ѓердан од бисери" од Охрид и КУД „Стив Наумов" од Битола,  а во неколкудневната програма која беше во духот на фолклорот настапија КУД „Таше Милошевски" и фолклорните ансамбли „Кардашлек" од Ресен, и „Ситница“ од Монтана, додека на спортските терени се одиграа неколку турнири во различни спортови.

Според востановената традиција, првото јаболко беше откинато на ден Крстовден, а во знак на благодарност за посебен придонес во афирмацијата на општината, градоначалникот Тозиевски им додели признанија на Кирил Китевски, Кристијан Лазароски, Дијана Ѓоргиевска и на проф. д-р Никола Јанкуловски. мт/хс/

Фото: Општина Ресен

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан