• вторник, 24 декември 2024

Голем успех за средношколци од Скопје на националниот натпревар за Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional

Голем успех за средношколци од Скопје на националниот натпревар за Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional
Скопје, 22 јуни 2022 (МИА) - Ученици од средните училишта на Град Скопје постигнаа голем успех во финалето на шестиот по ред национален натпревар за Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional, кое денеска се одржа во IBank концептуалната филијала на Стопанска Банка АД - Скопје. Тие, како што соопшти Град Скопје, освоија едно прво место, две втори места и едно трето место. Првото место го освои Дамјан Димовски од СУГС „Јосип Броз Тито“, вторите места се за Лука Зотовиќ од СУГС „Јосип Броз Тито“ и за Ардита Емини од СУГС „Зеф Љуш Марку“, а на третото место се најде Иван Јорданов од СУГС „Васил Антевски Дрен“. На финалето на овој престижен натпревар денеска присуствуваше секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски. - Град Скопје и оваа година е партнер во организирањето и спроведувањето на овој многу значаен настан од областа на унапредувањето на дигиталните вештини. Инвестирајќи во подобрување на дигиталната писменост, особено преку формалниот образовен процес, ќе придонесеме за подобрување на можностите за вработување на младите образовани кадри и подобрување на продуктивноста на работното место. Тоа, пак, ќе влијае на зголемување на економската продуктивност на општеството. Во рамки на шестгодишното партнерство со Certiadria во организирање на овој натпревар, Град Скопје поддржа вкупно 2.600 ученици од средните училишта, овозможувајќи им бесплатно полагање на официјален Microsoft Office и АСА испит. На овој начин, учениците без разлика на нивниот социјален и економски статус добија можност да се стекнат со меѓународно признат сертификат кој ќе им биде од особено значење во нивното понатамошно школување и кариера, рече Велковски на доделувањето на наградите за најдобрите. Натпреварот, како што посочуваат од Градот, се базираше на тестирање на ученици од 13 до 22 години од цела држава кои ги одмерија своите знаења во Microsoft Office апликациите - Word, Excel и PowerPoint, односно Adobe Photoshop, Illustrator и InDesign. - Значајно е да се нагласи и дека најдобриот натпреварувач ќе ја има можноста да ја претставува нашата земја на светскиот натпревар во САД, што ќе се одржи во јули годинава, се наведува во соопштението. мс/са/

Остани поврзан