„Гласен Текстилец“ со пет клучни забелешки за новиот Закон за работни односи
Штип, 23 јануари 2023 (МИА) - Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“ денеска на јавната расправа во Штип за предлог Законот за работни односи, а на покана на Министерството за труд и социјална политика, ги изнесе своите забелешки со цел подобрување на работничките прави. Во соопштението на „Гласен Текстилец“ се наведува дека забелешките се однесуваат на комплицираноста и обемноста на новиот предлог Закон, на допрецизирање на новите отсуства за мајчинство, татковство и родителско отсуство, заштита на правата, но и поздрав за намалувањето на договорите на определено време од пет на две години.
- Исто, конечно се земени предвид укажувањата на здружението дека ниските казни не вродуваат со плод кај работодавачите, туку напротив, па затоа, сега ќе има посебни глоби и одредби за потешки кршења на правата на работниците, како што се паричните побарувања и придонеси од социјално осигурување на работниците, се вели во соопштението.
Неколкуте клучни забелешки на „Гласен Текстилец“, Ампева се надева дека ќе бидат земени предвид од страна на Министерството. Како што се за отсуството на мајката и таткото, да биде со 100 отсто платено отсуство од Фондот за здравствено осигурување, потоа прецизирање на членот, кој моментално овозможува прераспоредување на работно место на работниците, кои ќе ги користат овие отсуства.
- Трето, заштита на бремените жени, кои имаат договори на определено работно време - беа дадени конкретни мерки од страна на Ампева, бидејќи членот во Законот е контадикторен и не е во насока на заштита на бремените жени, а и губење на правото на платено отсуство поради бременост, раѓање и родителство. Четврто, да нема застареност на парични побарувања од работен однос пред судот, бидејќи тоа се сериозни прекршувања на правата на работниците, но и државата губи - во делот на придонесите и даноците, поради нечие незаконско работење и неисплаќање на придонеси, плати, додатоци и надоместоци од плата, се наведува во соопштението.
Ампева на расправата предложила и правото на К-15, односно регрес за годишен одмор, што во моментов како што наведува, е предмет на манипулација од страна на работодавачите и синдикатите, да се воведе во новиот Закон, со потенцирање на најниска сума на исплата, ако работодавачот работи со потешкотии и точно утврдени критериуми, односно, дефинирање на термин „потешкотии во работењето“ , бидејќи, како што вели, време е да се застане на патот на лошите колективни договори, што ги потпишуваат „репрезентативните“ синдикати и спогодбите што ги потпишуваат со работодавачите на штета на работниците. вдј/бд/