• среда, 20 ноември 2024

Гир: Градењето на јавната доверба е тежок процес, не е еднократна заложба

Гир: Градењето на јавната доверба е тежок процес, не е еднократна заложба
Скопје, 6 септември 2021 (МИА) – Градењето на јавната доверба е многу тежок процес кој лесно се руши. Дејствијата се поважни од зборовите. Мора да се видат практични резултати. Така со време и постепено ќе се зголеми довербата кај граѓаните. Тоа не е нешто што се реализира за шест месеци или две години, порача евроамбасадорот Дејвид Гир на последниот панел за добро управување и општествена кохезија што попладнево се одржа во рамки на Меѓународниот економско-финансиски форум во Скопје. Според Гир, добро е што властите во земјата покажуваат посветеност за зајакнување на независноста на судството, борбата против корупцијата и се залагаат за создавање на инклузивно и стабилно општество. - Ова не е едноставна и еднократна заложба, се работи за постојана заложба, подвлече Гир. Создавањето на општество во кое нема простор за корупција, според вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, е инвестиција за идните генерации и за државата воопшто. Верува дека започнатиот процес на искоренување на корупцијата со елиминирање на човечкиот фактор во постапките, со интероперабилноста и укинувањето на привилегиите на надлежните ќе ги даде посакуваните ефекти. - Одговорноста и примената на законот се клучни цели кон кои сме насочени. За над 1340 институции од јули 2022 година ќе ги скратиме постапките и ќе докажеме дека можеме да го елиминираме човечкиот фактор. Само ако го елиминираме човечкиот фактор, може да зборуваме за искоренување на корупцијата, рече Николовски. Посочи дека пристапот околу транспаретноста на институциите се менува и изрази надеж дека никогаш повеќе нема во државата да има затворени и изолирани институции. - Имаме огромен фронт на дејствување, но ни треба и широка политичка поддршка за да постигнеме резултати и да дојдеме до уште подлабински структурни реформи, рече Николовски. Транспарентноста на институциите на локално и централно ниво е клучот за успешното менаџирање на која било криза вклучително и на пандемијата, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој на панел дискусијата посочи дека само со целосна транспаретност, граѓаните ќе ја препознаат посветеноста кон демократското владеење. - Јавноста и граѓаните имаат право секогаш и за се да бидат информирани, а ние секогаш да обезбедиме ажурирани, транспаренти и сигурни информации, истакна Спасовски. Според министерот за правда Бојан Маричиќ, само независно и непристрасно судство може да биде гарант за демократија и владеење на правото. - Како Влада и како Министерство за правда покажавме силна политичка волја, заложба за реформирање на правосудниот систем и желба за враќање на довербата на граѓаните кон државните институции. Работиме на остварување на целите кои ги имаме поставено пред нас и полека, но сигурно, веќе резултатите се гледаат, рече Маричиќ на панел дискусијата. Дигитализацијата која постепено се воведува во праводуството, смета дека ќе ја зголеми транспареноста и отвореноста на судовите и ќе овозможи  полесен и поедноставен пристап на граѓаните до правдата. бак/дма/

Остани поврзан