• петок, 17 јануари 2025

Герасимовски: Со граѓаните креираме буџет за подобра патна инфраструктура, современа спортска сала, нови паркинг места

Герасимовски: Со граѓаните креираме буџет за подобра патна инфраструктура, современа спортска сала, нови паркинг места

Скопје, 18 декември 2024

На завршниот Буџетски форум, организиран од Општина Центар и одржан во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, граѓаните и општинската администрација ги дефинираа приоритетите за 2025 година.

Се дискутираше за нацрт-програмите за наредната година, тековните предизвици и потребите на граѓаните, а беа дадени предлози и сугестии кои ќе бидат вградени во новите програми и проекти.

„Со заеднички ангажман и соработка меѓу граѓаните и општинската администрација, транспарентно и отчетно ја градиме иднината на нашата општина,“ истакна Герасимовски во обраќањето.

Во нацрт-предлог буџетот за наредната година, предвидено е 45% од средствата да бидат насочени кон капитални проекти, додека останатите 55% ќе се користат за тековно и оперативно функционирање на општината.

Градоначалникот Горан Герасимовски ги презентираше клучните приоритети од нацрт-развојната програма за наредната година:

- Изградба на катна гаража во Буњаковец – Гаражата ќе има капацитет од 300 паркинг места, распределени на два подземни и два надземни ката, со почитување на хуманото живеење на околните згради. Објектот ќе биде понизок од предвиденото во Деталниот урбанистички план.

- Модернизација на јавното осветлување – Со поставување на енергетски ефикасни ЛЕД светилки и паметни ормари, процесот ќе заврши до март 2025 година, со што ќе се постигне заштеда на енергија и подобрување на безбедноста.

- Изградба на нова општинска зграда – Комплексот ќе вклучува простор за администрација, подземен паркинг со капацитет од 300 паркинг места и 100 места за велосипеди. Конкурсот за идејни решенија е завршен, а наградените идеи ќе обезбедат современи услови за жителите и администрацијата.

- Реконструкција на сала Работнички – Првата фаза на реконструкцијата започна, а се очекува целосно завршување до летото 2025 година. Просторот ќе биде обновен според сите современи стандарди.

- Реконструкција на патната инфраструктура во Тасино Чешмиче и Капиштец, како и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка зона.

- Реконструкција на паркингот зад Домот на градежници и паркот во Клиничкиот блок, на барање на граѓаните, овие два проекти ќе бидат интегрирани во развојната програма.

Градоначалникот Герасимовски потенцираше дека сите предлози на граѓаните ќе бидат внимателно разгледани и интегрирани во финалната верзија на буџетот.

Седницата за усвојување на буџетот ќе се одржи на 27.12.2024 година.

 

Општина Центар

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан