Герасимовски - Самарџиев: Со реконструкцијата на салата, македонската кошарка ја подигнуваме на повисоко ниво
- СООПШТЕНИЕ
Скопје, 17 јануари 2025
Спортската сала „Работнички“ која е симболот на македонската кошарка и градот Скопје, оваа година добива комплетно нов и модерен лик. Тренерот на Кошаркарскиот клуб „Работнички“ Горан Самарџиев, преку видео истакнува дека е среќен бидејќи после децениско чекање, оваа сала ќе биде во ново руво кадешто кошаркарите ќе имаат подобри услови за тренинг.
„Големо е задоволство и многу сме среќни бидејќи после децениско чекање салата на КК ,,Работнички" ќе биде во ново руво и едноставно ќе имаме многу подобри услови за тренинг и за напредок, како на првиот тим, така и на младинските категории. Јас имам посебни емоции спрема оваа сала. Овие млади дечки денеска немаат осетено што значи да играш во салата Градски парк пред полни трибини. Се надевам дека таа традиција ќе ја вратиме и дека заедно со навивачите, со Општина Центар и со сите расположливи сили, салата ќе добие еден нов сјај кадешто македонската кошарка и КК ,,Работнички" ќе биде на едно повисоко ниво со многу подобри услови за работа за сите“, вели Самарџиев.
Градоначалникот Горан Герасимовски, информира дека годинава се враќа сјајот на спортската сала „Работнички“ која е гордоста на Општина Центар.
„Долги години салата беше во катастрофална состојба, запуштена и оставена да се распаѓа. Успеав да ги добијам надлежностите врз објектот и земјиштето за да можеме да почнеме со реконструкција. Сите мои претходни колеги ветуваа решенија, но немаше никаква реализација. Ние првата фаза во месец декември ја отпочнавме, во моментов работиме на фасадата и на кровот, а потоа следува и реконструкција на канцеларискиот дел. Ќе поставиме нови инсталации за електрична енергија, современо осветлување и водовод. Ќе направиме комплетна реконструкција со проширување на теренот, поставување на нова еластична подлога и подно греење, а целиот простор ќе се климатизира. Наместо бетонските клупи, ќе поставиме 891 седиште“, порачува Герасимовски.
Капитенот на КК ,,Работнички" Виктор Ефремовски потенцира дека со нетрпение чекаат да се вратат во својот дом и да го изиграат првиот натпревар во нивната сала.
Со реконструкцијата на салата, ќе се обноват соблекувалните, туш кабините, ќе се постави нова опрема, кошеви и друга потребна инфраструктура. Ќе се обезбеди висока енергетска ефикасност, што значително ќе ги намали трошоците за енергија. Целокупната реконструкција ќе биде согласно стандардите и процедурите на ФИБА.
Општина Центар
_____________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.