• вторник, 24 декември 2024

Герапетритис очекува раздвиженост во кипарското прашање

Герапетритис очекува раздвиженост во кипарското прашање

Атина, 22 јули 2024 (МИА) – Кипарското прашање е главен приоритет за грчката надворешна политика, секогаш беше и ќе остане, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, посочувајќи дека има чувство дека „ќе има раздвиженост во конкретното прашање“, јави дописничката на МИА од Атина. 

Нагласи дека пред една година беше во фаза на неподвижност, неактивност, но сега веќе постојат низа настани, кои го враќаат кипарското прашање во првите редови на меѓународното внимание, на првите редови на меѓународно ниво, додавајќи дека она што во моментов е важно е да има дијалог. 

-Реалноста е дека со текот на времето турската страна дојде до една поекстремна линија, линија на суверена еднаквост, што практично би значело поделба на островот. Она што ние сметаме дека е важно во моментов е да постои дискусија. И сите сфаќаме дека да се постави нешто како услов во овој момент, што е надвор од рамките на Обединетите нации, е неприфатливо. Имаме чувство и воздржан оптимизам дека следните чекори ќе донесат поголема раздвиженост, рече Герапетритис.

Во интервјуто за ЕРТ шефот на грчката дипломатија говореше за сите прашања од грчката надворешна политика, меѓу кои и за Договорот од Преспа и односите со нашата земја и Албанија, а одговори и за шпекулациите и натписите во медиумите што го споменуваа сценариото да биде предложен за грчки комесар во ЕК.

- Да бидам искрен, сметам дека е апсолутно неумерено кога сум на позиција со најголемата чест што може да му се даде на еден граѓанин, да ја водам грчката надворешна политика и грчката дипломатија, да разговарам и за такви прашања. Сакам да ви кажам дека во моментов постојат премногу отворени прашања, национални прашања од големо значење, за кои треба да се погрижиме. Ќе останам лојален на функцијата министер за надворешни работи и се надевам дека во наредниот период ќе имаме позитивни пораки на сите нивоа што не засегаат, рече шефот на грчката дипломатија. ср/

Остани поврзан