• среда, 25 декември 2024

Вучиќ до Транспортната заедница: Помош за воспоставување Зелени коридори на Западен Балкан со ЕУ

Вучиќ до Транспортната заедница: Помош за воспоставување Зелени коридори на Западен Балкан со ЕУ
Белград, 12 јануари 2021 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и директорот на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница на ЈИЕ, Матеј Закошњек, на денешната средба разговораа за развој на регионалната транспортна мрежа и сообраќајната врска на Западен Балкан со ЕУ, што ќе донесе бројни придобивки за граѓаните и компаниите. Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ побарал од директорот Закоњшек да помогне во воспоставувањето на Зелени коридори на границите на Западен Балкан и Европската Унија односно да се отстранат бариерите за побрз проток на стоки, следејќи го примерот на Зелените коридори воспоставени меѓу партнерите на Западен Балкан во вонредните околности на пандемијата со Ковид-19. - Вучиќ истакна дека за Србија е важно оваа иницијатива да се спроведе, пред сè, на границите со Хрватска и Унгарија, каде што неколкучасовниот задржувања се најдолги, соопшти прес-службата на претседателот на Србија. Тој ги издвоил и проектите кои се приоритет за Србија и побара забрзување на процедурите за реализација на автопатот Ниш - Приштина. Закоњшек на средбата ги презентирал приоритетите на работата на Транспортната заедница во врска со поврзувањето на сообраќајната инфраструктура со трансевропската мрежа, безбедноста во сообраќајот, имплементацијата на европското законодавство и стандардите во областа на транспортот, што вклучуваат и дигитализација и подобрување на животната средина, побрз проток на стоки на границите преку воспоставување заедничка контрола и ревитализација на железничкиот и воден транспорт. Целта на Постојаниот секретаријат на Транспортната зедница на ЈИЕ (Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија, Косово и Црна Гора) е правилата, принципите и политиките на ЕУ за транспортниот пазар да се прошират до земјите од Западен Балкан преку правно обврзувачка рамка. Транспортната заедница е основана со Договорот за основање на ТЗ потпишан на 12 јули 2017 година на Самитот на Берлинскиот процес во Трст, а седиште на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница беше отворен во Белград кон средината на септември 2019 година. об/ми/

Остани поврзан