• сабота, 23 ноември 2024

„Вулканот“ кај охридското село Косел прогласен за природна реткост

„Вулканот“ кај охридското село Косел прогласен за природна реткост

Охрид, 29 јули 2024 (МИА) – Со одлука на Министерството за животна средина и просторно планирање локалитетот „Дувало“ инаку попознат како вулканот во Косел е прогласен за природна реткост.

Станува збор за уникатна тектонска појава, во близина на селот Косел кај Охрид, од која излегува специфична миризба, што локалното население ја нарекува „вулкан“.

Локалитетот се наоѓа седум километри северно од Охрид, на надморска височина од 750 метри и површина од 0,49 хектари.

Согласно одлуката на Министерството, за природната реткост задолжена да се грижи е Општина Охрид, а за нејзина заштита од од  општинскиот буџет  се издвоени милион денари.

„Со цел да се спречи оштетување, уништување и нагрдување на природната реткост „Уникатната тектонска појава на локалитетот Дувало Косел“, како и извршување на други активности од страна на физички и правни лица со кои дирекно или индирекно може да се загрози природната реткост, градоначалникот се грижи и презема активности за чување и одржување на природната реткост заради спречување на: секаков вид градежно-технички активности, изведување земјени работи на локалитетот, пренамена на земјиштето на пошироката околина на локалитетот, оградување, пошумување или сеча и воопшто промена на постоечката вегетација во околината, особено ако е без претходна стручна консулатција, предизвикување пожар во поширока околина на локалитетот и фрлање отпадоци, смет, градежен шут и други материјали на локалитетот и неговото опкружување“, се наведува во решението.

Истовремено се посочува и дека спроведувањето на активности и дејствија во непосредна околина на природната реткост „Уникатната тектонска појава на локалитетот Дувало Косел“, како што се изградба на пристапни патеки и уредување на места за одмор, паркинг места како и сроведување на други активности за уредување и користење на просторот на природната реткост се врши на начин со кој се обезбедува висок степен на заштита на биолошката и пределската разновидност во насока на обезбедување на соодветно управување со природната реткост.

„Дувало“ е единствена појава на Балканот која претставува активна поствулканска појава што е јасен доказ за постоење на некогашната вулканска активност, на која, ова и е последен знак на одумирање. На овој простор има неколку мали кратери со пречник од половина метар и длабочина од 30 см. Вулканот истовремено претставува сулфатара (пукнатина од која избива гас сулфоводород) и мофета (пукнатина од која избива гас јаглендиоксид) од кои се добива карактеристичниот мирис на расипано јајце. Последниот податок што постои за топлата вода која постоела на локацијата од вулканот датира од 1973 година кога при геолошки испитувања откриена е топла вода на длабочина од 80 до 100 м со околу 30 Целзиусови степени.

Лековитоста на водата и калта од вулканот се познати уште одамна. Луѓето барајќи спас најчесто од кожни болести, сулфурот го мешале со глина и го мачкале по заболените делови од телото. аб/нд/

Фото: Општина Охрид

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан