„Врба“ на Манчевски го отвора Балканскиот филмски фестивал во Рим
- Новиот филм „Врба“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски вечер го отвора Балканскиот филмски фестивал во Рим, Италија.
Скопје, 6 октомври 2021 (МИА) - Новиот филм „Врба“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски вечер го отвора Балканскиот филмски фестивал во Рим, Италија.
Освен проекцијата на „Врба“, Манчевски ќе има и разговор со публиката на Балканскиот филмски фестивал.
Манчевски е многу ценет уметник во Италија, а неговото присуство во Рим е проследено со големо медиумско внимание. Македонскиот режисер Милчо Манчевски во интервју за еден од најстарите и најчитани италијански весници, „Кориере дела сера“ вели дека никогаш не е многу од мостови на Балканот.
- На сите ни требаат мостови, бидејќи, Бог знае, секаде има многу немирни води. Само глупави или лоши луѓе можат да палат мостови, но - како што гледаме - има многу глупави и лоши луѓе. Уметноста - по нејзината природа - обично презема да биде мост помеѓу луѓето и народите. Не сум утопист, но убаво е да се знае дека постојат луѓе што создаваат работи што можат да ви го стоплат срцето“, одговара Манчевски на прашањето има ли денеска мост, можеби метафоричен, кој го поврзува Балканот?
На прашањето како се сменил погледот на балканската кинематографија во последните триесет години и што кажува денес македонската и балканската кинематографија, кој е нивниот фокус, Манчевски истакнува: „Би било многу дрско од мене да се обидам да зборувам во име на балканската кинематографија. Повеќе ме интересираат индивидуални филмови и индивидуални уметници отколку географските фиоки“.
Во октомври 2019 година „Врба“ имаше светска премиера на големиот Римски филмски фестивал, а во изминативе две години освои вкупно 5 трофеи, постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, се прикажа на над 20 фестивали на четири континенти, беше вброен и во потесниот избор за наградите на Европската филмска академија и е еден од малкуте европски филмови со дистрибуција во САД.
Манчевски е во тек на монтажата на неговиот седми филм „Кајмак“, што тој го нарекува „безобразна комедија“. Продукцијата „Банана филм“ го најавува „Кајмак“ како црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината.
„Кајмак“ е европска копродукција во која 52 проценти од средствата доаѓаат од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48 проценти од државава, од Агенцијата за филм на Северна Македонија. Македонската радио телевизија (МРТВ) е копродуцент. „Кајмак“ доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж. Се снимаше летото во Скопје и околината, а во меѓународната екипа беа вклучени филмски работници од Северна Македонија, Англија, Италија и Србија, Бугарија и Хрватска.фф/лв/