• сабота, 23 ноември 2024

Во Јоханесбург почнува 15. Самит на БРИКС

Во Јоханесбург почнува 15. Самит на БРИКС

Јоханесбург, 22 август 2023 (МИА) - Шефовите на држави или влади на земјите-членки на БРИКС ќе одржат средба во Јужноафриканската Република (ЈАР), во период додека лабавата асоцијација на економиите во развој се обидува да се наметне како противтежа на доминацијата на Западот во глобалните работи.

Безбедноста е зголемена околу градот каде што јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса ќе биде домаќин на својот кинески колега Си Џинпинг, индискиот премиер Нарендра Моди, шефот на бразилската држава Луис Инасио Лула да Силва и околу 50 други лидери.

Полициски возила се стационирани околу хотелите во кои престојуваат странски делегации. Патиштата околу конгресниот центар Сендтон, местото на одржување на Самитот, ќе бидат затворени за нормален сообраќај.

БРИКС - Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, сочинуваат четвртина од светската економија, а во пресрет на нивниот тридневен самит во Јоханесбург, интересот за приклучување порасна меѓу други земји.

„БРИКС го започна процесот на проширување за да стане еден од столбовите на новиот, поправеден полицентричен светски поредок“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во напис за јужноафриканскиот магазин „Убунту“, пренесува ТАСС. Рускиот претседател Владимир Путин ќе учествува на самитот преку видео врска, а земјата во Јоханесбург ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Министерот за меѓународни односи и соработка на ЈАР Наледи Пандор најави дека една од главните теми на Самитот ќе биде проширувањето, а на средбата се поканети претставници од повеќе од 60 земји.  Јужноафриканскиот дипломат Анил Суклала, според западни медиуми, изјави дека повеќе од 40 земји изразиле желба да се приклучат на економскиот блок БРИКС, од кои 22 формално, додека останатите покажале неформален интерес.

Иран, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Аргентина, Алжир, Боливија, Индонезија, Египет, Етиопија и други земји сакаат да се приклучат на БРИКС.

Централно место во привлечноста на групацијата е нејзината растечка економска тежина. Петте земји на БРИКС сега имаат комбиниран бруто домашен производ (БДП) поголем од оној на Г7 во однос на паритетот на куповната моќ. Номинално, земјите од БРИКС се одговорни за 26 отсто од глобалниот БДП. И покрај тоа, тие добиваат само 15 отсто од гласачката моќ во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), пишува Ал Џезера.

Заедно со поплаките за таквата нерамнотежа, расте загриженоста на глобалниот југ дека САД би можеле да го претворат доларот во оружје преку санкциите, како што тоа го прават против Русија. Тоа доведе до тоа државите на БРИКС поединечно и колективно да се обидат да ја намалат нивната зависност од американската валута, а истовремено да ја зголемат билатералната трговија во нивните сопствени валути, наведува Ал Џазера.

Влијанието на нациите на БРИКС веројатно ќе расте, но блокот е многу поверојатно да понуди поделени економски и дипломатски алтернативи на глобалниот поредок предводен од САД, отколку драматично да го замени, велат аналитичарите. Тоа сепак може да доведе до повеќе тензии со Западот, бидејќи лидерите на групацијата се обидуваат да се постават на независен пат. Но, за да остане ефективен, БРИКС ќе треба да управува со различните приоритети на нејзините земји-членки, предизвик што нема да биде лесен за групацијата да се справи, пренесува Ал Џезера.

На 15-от Самит присуствува и генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутереш. - Тој има намера да го искористи своето учество за да објави неколку важни пораки, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дижарик. – Поминуваме низ особено тежок период, додаде портпаролот.

Блокот формиран во 2009 година со Бразил, Русија, Индија и Кина, ја доби својата конечна форма во 2010 година со вклучувањето на ЈАР. Државите во блокот исто така контролираат 18 отсто од светската трговија и 22 отсто од глобалните странски инвестиции.

Сегашните земји-членки покриваат 26,7 отсто од светската површина, со 3,2 милијарди луѓе (41 процент од глобалното население).

Новата развојна банка (НДБ), претходно позната како Банка за развој на БРИКС, е основана во 2015 година како глобална алтернатива на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

Со седиште во Шангај, Кина, НДБ започна со капитал од 100 милијарди долари и оттогаш финансираше 98 проекти во вкупна вредност од 32,4 милијарди долари, со проценета корист од 280 милиони луѓе.

Со вклучувањето на Бангладеш, Египет, ОАЕ и Уругвај во 2021 година, членството на банката достигна девет земји. Во иднина се очекува да се приклучат нови членки, како Саудиска Арабија и Алжир, наведува Анадолија. ссм/

фото: ЕПА

 

 


......

Остани поврзан