• среда, 25 декември 2024

Во Штип почна уписот на првачињата со изменет Правилник за реонизација

Во Штип почна уписот на првачињата со изменет Правилник за реонизација

Штип, 2 мај 2023 (МИА) - Со изменет Правилник за реонизација стартуваа уписите на првачињата за учебната 2023-2024 година во петте основни училишта во Штип. Раководителот на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева вели дека според податоците на СВР-Штип во училиштата треба да се запишат 582 првачиња, но како што вели точната бројка ќе ја знаат во септември кога ќе стартува новата учебна година.

-Праксата покажува дека се запишуваат помал број на ученици и загрижува тоа што го видовме и списокот дека некои дечиња се иселени со нивните родители. Така да ќе се чувствува тоа и при уписот на ученици во прво одделение, вели Санева.

Таа се надева дека родителите ќе ја почитуваат реонизацијата, односно родителите ќе го запишат своето дете во училиштето, според нивното место на живеење.

-Законот налага да се почитува доследно реонизацијата. Ние се обидуваме, тоа да го регулираме со Правилник за упис на ученици во прво одделение, кој го донесе Советот на Општина Штип на последната седница. Според Правилникот е предвидено децата да се запишуваат со донесување на документи, со коишто ќе се потврди местото на живеење, вели Санева.

Посочи дека освен нов Правилник за уписи имаат и акциски План со кој се ублажува сегрегацијата во Општинското основно училиште „Гоце Делчев“-Штип, а за што и судот за човекови права во Стразбур донесе и одлука. Санева се надева дека проблемот со формирање на чисти ромски паралелки во ова училиште ќе биде надминат. вдј/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан