Во Франција во јуни зголемен бројот на напади врз новинарите
- Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и четири француски филијали ги повикаа властите во Париз да преземат неопходните мерки поради загрижувачкиот пораст на заканите и насилството врз новинарите
Брисел, 5 јули 2024 (МИА) – Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и четири француски филијали ги повикаа властите во Париз да преземат неопходните мерки поради загрижувачкиот пораст на заканите и насилството врз новинарите.
- Одговорност на Владата е да ја гарантира слободата на медиумите и да им овозможи на новинарите безбедно да ја вршат својата работа, се наведува во соопштението на ЕФЈ.
Платформата МФРР, финансирана од ЕУ, во Франција минатиот месец регистрираше 22 напади врз новинари, додека од почетокот на годината до крајот на мај забележани се 32 напади.
Со 54 напади врз новинари во првите шест месеци од годината, Франција е на петто место помеѓу европските земји, по Украина, Германија, Италија и Турција.
Поголемиот број од инцидентите регистрирани во јуни во Франција се вербални напади и закани на социјалните мрежи. ЕФЈ наведува и дека во јуни двојно е зголемен бројот на ксенофобични напади, 70 отсто од расно мотивираните инциденти се поврзани со француските избори.
ЕФЈ и нејзините француски филијали, исто така, регистрираа зголемување на бројот на инциденти во кои директно се вклучени властите – полициско насилство, произволни апсења, судски пресуди кои ги принудуваат новинарите да ги откријат своите извори. ми/
фото: МИА архива